Во организација на Комората на овластени архитекти и овластени инженери беше одржана Регионална средба на архитекти и инженери во Големиот амфитеатар – Кампус 2 на Универзитет „Гоце Делчев“ Штип на 23.09.2023 година (сабота), со почеток од 12:00 часот. Во име на Комората се обрати Претседателката Кристинка Чулак, заблагодарувајќи се на колегите-инженери за присуството во толку голем број и за покажаниот интерес за актуелните случувања во професијата, со особен акцент врз неопходноста од почитување на ценовниците.„Да се почитуваме самите себе, за да нѐ почитуваат и останатите учесници во градбата“, рече таа. Како стручен модератор во континуитет на средбата даваше професионални експликации за сите отворени прашања. Подршката од највисоко државно ниво се покажа преку присуството на Министерот за транспорт и врски, господинот Благој Бочварски кој позитивно одговори на упатената покана од Претседателката на Комората.
Министерот во своето обраќање кон колегите архитекти и инженери ја истакна својата безрезервна подршка за менаџирање на актуелните проблеми во професијата со позитивен исход за сите засегнати страни, задржуваќи се на имплементацијата на Еврокодовите, притоа нагласувајќи дека нема да има следно пролонгирање. Тој исто така најави дека е во подготовка новиот текст на Законот за градење. Оперативно, членот на Комората архитект Ана Ѓорѓиоска и актуелен претставник на надлежното Министерство, за време на средбата даваше директни, јасни и стручни појаснувања од областа на законската регулатива. Членот на Собранието од одделението на архитекти г-дин Никола Велковски, според најавената агенда, даде видување за актуелната примена на усвоениот ценовник за високоградба. Понатаму се обрати Потпретседателот на Комората градежниот инженер Дејан Метикош кој се задржа на ценовникот за нискоградба, a проф. Д-р Јосиф Јосифовски во кратки црти ги запозна присутните со суштината на ценовникот за геотехниката во високоградбата. Темата поврзана со тарифникот за урбанистичко планирање ја елаборарише архитект Михаел Димитровски во својство на Раководител на одделението на урбанисти и планери. Состојбата со динамиката на примената на Еврокодовите ја појасни проф. д-р Мери Цветковска, актуелен раководител на градежни инженери при Комората.Точката од дневниот ред „Предизвици во Професијата“ во вистинска смисла покажа дека организирањето на регионални средби се најдобриот начин да се слушне мислењето на членството на КОАИ. Приближувањето на активностите на Комората, нејзиното раководство и регионалните одделенски претставници до членството и реализирање на суштествени дебати, значи пред сѐ иницирање на активности кои директно ќе се однесуваат на заштитата на интересите на овластените архитекти и овластените инженери, подобрување на условите за работа во струката, со цел не само да се овозможи достојна валоризација на трудот на инженерот, туку да се намали одливот на наши кадри надвор во светот и да се минимизираат ефектите од трендот на преквалификација на инженерскиот кадар од сферата градежништво во ИТ секторот.
Особено радува што на Регионална средба на архитекти и инженери од источниот регион беа присутни и земаа учество голем број архитекти, планери и инженери и тоа истовремено од приватниот и јавниот сектор.
Во продолжение фото-галерија од настанот.