
Во периодот од 28 јуни до 2 јули 2026 година, делегација на Комората на овластени архитекти и овластени инженери (КОАИ) учествуваше на Светскиот конгрес на архитекти UIA 2026 во Барселона, Шпанија – најзначајниот светски собир на архитекти, организиран од International Union of Architects (UIA).
Годинешната тема на конгресот „Becoming – Architectures for a Planet in Transition“ ги обедини водечките светски архитекти, урбанисти, научници и професионалци во дискусии за иднината на архитектурата, одржливоста, урбаните трансформации и улогата на професијата во создавање поквалитетна животна средина.
КОАИ беше претставувана од:
- Арменд Шаќири, Претседавач на Собранието на Комората;
- Лиљана Најдовска, Одделение Архитектура;
- Биљана Насковиќ, Одделение Урбанизам.
Во текот на конгресот делегацијата присуствуваше на бројни пленарни сесии и предавања на врвни светски архитекти, каде беа презентирани најновите трендови во архитектурата, урбанизмот, одржливото градење, јавниот простор и иновативните пристапи во проектирањето.
Особено значајни беа средбите со претставници на европски и светски професионални организации, меѓу кои и Architects' Council of Europe (ACE), национални комори и здруженија на архитекти, како и неформалните разговори за идна меѓународна соработка.
Најважен резултат од посетата беше официјалната средба со Претседателката на UIA, Regina Gonthier, и Извршната директорка на UIA, Olga Mihalikova, на која делегацијата ја претстави Комората и ја изрази намерата КОАИ да стане самостојна членка на Меѓународната унија на архитекти (UIA).
Од страна на раководството на UIA беше изразена поддршка за оваа иницијатива, при што беше истакнато дека Комората има можност уште оваа година да ја започне постапката за членство, што претставува значаен чекор кон меѓународно признавање и активно учество на КОАИ во глобалната архитектонска заедница.
Учеството на КОАИ на Светскиот конгрес UIA 2026 претставува важен исчекор во процесот на интернационализација на Комората, воспоставување нови професионални партнерства и унапредување на позицијата на македонските архитекти и инженери во меѓународните професионални организации.
КОАИ останува посветена на јакнење на меѓународната соработка, размена на знаења и активно вклучување во глобалните процеси кои ја обликуваат иднината на архитектурата и инженерството.