Локација: Сала на Комора ОАИ
Комората на овластени архитекти и овластени инженери (КОАОИ) и Друштвото за патишта на Република Македонија (ДПМ), во стратешка соработка со Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и мултинационалната компанија ADFORS Saint-Gobain (АДФОРС Сент-Гобејн), со огромна чест и задоволство Ве покануваат на специјализиран еднодневен Научно-стручен семинар на тема:
„Зајакнување на флексибилните коловозни конструкции со армирање“
Настанот ќе се одржи на 28 април 2026 година (вторник), во просториите на Комората (КОАОИ), со почеток во 13:00 часот.
Овој семинар претставува извонредна платформа како за помладите, така и за поискусните градежни инженери, да се запознаат со најсовремените светски технологии за зајакнување на коловозните конструкции. Фокусот на предавањата ќе биде ставен на напредните постапки за димензионирање со употреба на стаклено-полимерни мрежи – иновативна технологија која ефикасно ја пролонгира и значително ја редуцира појавата на пукнатини и набраздување (колотрази) во коловозите.
Примената на овие современи материјали е од суштинско значење за специфични климатски зони како што е Македонија, кои се карактеризираат со големи температурни амплитуди (ниски зимски и екстремно високи летни температури). Со имплементацијата на оваа технологија се постигнува драстично продолжување на векот на експлоатација на патната мрежа, што директно резултира со сигурна инфраструктура и огромна заштеда на финансиски средства за инвеститорите.
Овој настан е директна рефлексија на континуираните настојувања на ДПМ и КОАОИ за перманентно стручно усовршување на инженерите и следење на новитетите во областа, како и потврда за цврстите заложби на Градежниот факултет кон концептот на доживотно учење (Lifelong Learning). Ваквиот интегриран пристап е во целосна корелација со постулатите на стратешките државни документи на Република Македонија, особено со Стратегијата за развој и одржување на државните патишта во Македонија за периодот 2026-2036 година, чие официјално донесување е во тек.
Сите активни учесници на Научно-стручниот семинар ќе се стекнат со официјални сертификати за учество и стручна оспособеност за работа со оваа технологија, што претставува значаен влог во нивното континуирано професионално усовршување.
Во прилог на овој допис Ви ја доставуваме деталната Агенда за настанот.
Ве очекуваме на заедничко унапредување на градежната практика!