Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија беше домаќин и организатор на 14 Генерално Собрание на европскиот совет на инженерски комори (ЕЦЕЦ), на 20 и 21 октомври 2017 година.
Настанот се одржа под покровителство на Претседателот на Република Македонија, Н.Е д-р Ѓорге Иванов.
Подршка на настанот даде и Владата на Република Македонија, со присуството на Министерот без ресор, д-р Зоран Шапуриќ, кој е одговорен за измени во законската регулатива за подобрување на инвестициската клима во државата.
На Генералното собрание на ЕЦЕЦ беа присутни претседателите и останати претставници од сите европски инженерски комори кои се членови на ЕЦЕЦ, а како гости на настанот беа присутни и делегации од Кина и Русија.
Пред отворањето на настанот, изјави за медиумите дадоа претседателот на Комората проф.д-р Миле Димитровски и пиретседателот на ЕЦЕЦ Чртомир Ремец.
Претседателот на КОАИ професор д-р Миле Димитровски истакна дека иако Комората не е голема, сепак има огромна предност во тоа што сите инженери и архитекти се обединети заедно и се залагаат за подобра положба на инженерите во Македонија и во Европа.
„Заедно сме многу силни и заеднички може да сториме многу за нашите инженери и за инженерството во Европа. Со своето работење ќе ја оправдаме довербата што ни ја даваат европските колеги и ќе станеме уште посилни и поактивни во европскиот совет“, рече Димитровски.
Претседателот на ЕЦЕЦ Ремец истакна дека ЕЦЕЦ е многу важна инженерска организација во Европа која ги презентира инженерските професии пред европските институции, рече претседателот на Европскиот Совет на инженерски комори.
Официјални претставници од КОАИ на Генералното собрание, покрај претседателот на Комората д-р Димитровски, беа и претседавачот на Собранието на КОАИ Проф. д-р Миле Станковски и раководителот на одделението за архитектура и член на Управниот одбор на Комората архитект Реџеп Асани.
Настанот го отвори Димче Атанасовски, Генерален секретар на КОАИ, кој ги поздрави присутните и го истакна значењето на овој исклучителен меѓународен настан за инженерите од Република Македонија.
Во своето обраќање, покровителот на настанот, Претседателот на Република Македонија Н.Е д-р Ѓорге Иванов истакна дека присуството на инженерите во Скопје значи доверба во Комората и кон македонската инженерска и академска заедница.
„Вашето присуство во Скопје е израз на доверба во Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија, но и воопшто за севкупната македонска инженерска и академска заедница. Иако Република Македонија се уште не е дел од Европската Унија, сепак нејзините инженери и архитекти се дел од моторот што ја движи Унијата“, рече претседателот Иванов.
Според него, светот во кој живееме е „дело на поединци кои се умешни во изнаоѓањето решенија за предизвиците на природата и човештвото.
„Речиси нема аспект од човековиот живот во кој инженерството нема свој придонес. Гардежништвото, енергетиката, транспортот, комуникациите, здравството, финансиите, технологиите. Сите овие сфери се резултат на вашите пронајдоци, вашите решенија. Апстрактното знаење го трансформирате во практични пронајдоци. Академските истражувања ги претворате во апликативни решенија кои имаат реална вредност за секојдневниот, реалниот живот на луѓето“, им порача претседателот Иванов на инженерите и архитектите.
Претседателот на ЕЦЕЦ Ремец, истакна дека Европскиот совет на инженерски Комори на ова годишно собрание кое се одржува во Скопје, ќе додели две плакети за особен заслуги.
Првата плакета беше доделена на инженер Марван Абделхамид, поранешен Претседател на светската федерација на инженерски организации (WFEO), за исклучителен придонес во развојот на инженерската мисла во светски рамки.
Абделхамид срдечно се заблагодари на наградата и истакна дека му претставува особена чест да ја добие наградата во Скопје, бидејки неговиот дипломски труд при стекнувањето на дипломата дипломиран градежен инженер од Универзитетот во Белград, се однесувал на објект кој се градел во Република Македонија.
Втората плакета беше доделена на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република македонија, за особено активниот придонес во развојот на организациската работа на Европскиот совет на инженерски комори во изминативе години.
Во понатамошниот дел од Генералното собрание се одржаа презентации и разменија искуства за јавните набавки во инженерските услуги, за меѓународното признавање на инженерските квалификации, за принципите за заеднички програми за обука и образование на инженерите (Common training framework), како и за останати оперативни прашања од областа на работењето на ЕЦЕЦ, вклучително и утврдување на буџетот на ЕЦЕЦ за наредната година.
Од особено значење за овој настан беше фактот што ЕЦЕЦ од годинава, го добил Кралскиот декрет од Белгија, со кој оваа меѓународна институција се стекнува со правен статус, по што ќе може легитимно, како правно лице да ги застапува интересите на инженерите од Европа за сите битни прашања од областа на инженерството и градежништвото воопшто.
Фотографии