ПРАВА И ОБВРСКИ
ОВЛАСТЕН АРХИТЕКТ и/или ОВЛАСТЕН ИНЖЕНЕР се станува со добивање овластување (пример овластување) кое го издава КОМОРАТА НА ОВЛАСТЕНИ АРХИТЕКТИ И ОВЛАСТЕНИ ИНЖЕНЕРИ. После добивање на овластување архитектот и/или инженерот задолжително мора да поднесе барање за членство во Комората за кое плаќа годишна членарина и ќе биде запишан во РЕГИСТАРОТ НА ОВЛАСТЕНИ АРХИТЕКТИ/ИНЖЕНЕРИ. Со зачленувањето се остваруваат низа бенифиции и обврски дефинирани во Статутот и другите акти на Комората.
Со добивање ОВЛАСТУВАЊЕ, архитектот или инженерот може да го користи називот ОВЛАСТЕН.
Во други држави и јазици називот е ЛИЦЕНЦИРАН, бидејќи документот што го добива во својата држава се вика лиценца (Србија), ПРОФЕСИОНАЛЕН, СЕРТИФИЦИРАН, (професионален сертификат или професионален документ), или удостоверение (Бугарија).
За добивање на овој назив (звање) во сите држави постои процедура која бара од кандидатот: државјанство, диплома за високо образование (300 ЕКТС), работно искуство (3 до 5 години), положен стручен испит (некаде се вика државен испит) и/или поднесени на увид и преглед професионални проекти (или листа) во кои инженерот работел како соработник на други овластени инженери.
ОВЛАСТЕНИОТ АРХИТЕКТ/ ОВЛАСТЕНИОТ ИНЖЕНЕР ИМА свој печат и број на овластување со кои ги заверува проектите, како и повластен електронски потпис за електронска заверка.
Комората издава ОВЛАСТУВАЊЕ А (табела на градби од 1-ва категорија опфатени со овластување А) и ОВЛАСТУВАЊЕ Б (табела на градби од 2-ра категорија опфатени со овластување Б). Поискусните инженери се стекнуваат со овластување А, а помалку искусните со овластување Б. На ваков начин, во одредена мера се регулира пазарот на трудот на инженерската дејност, и се води грижа на објектите од прва категорија овластени инженери да бидат само инженери кои имаат најмалку 5 години работно искуство (во својство на соработници на објекти од прва категорија), но исто така и на помалку искусните им се овозможува практикување на професијата на поедноставни објекти се до стекнување на правото за овластување А за објекти од прва категорија (категоризација на објектите). Имател на овластување А, може да го користи истото овластување и како овластување Б (за поедноставни објекти за кои се бара областување Б). Според Законот за добивање овластување А не е неопходно да се поседува овластување Б (може директно да се бара овластување А).
За урбанисти планери Комората издава два вида овластување: за РЕВИЗИЈА на урбанистички планови и за ИЗРАБОТУВАЊЕ НА УРБАНИСТИЧКИ ПЛАНОВИ односно планер-потписник на планска докумантација.
КОМИСИЈА ЗА ОВЛАСТУВАЊА постои за секоја струка посебно. Членовите на Комисијата ги проверуваат документите и даваат позитивен предлог до УО на Комората (или негативен или мирување на процедурата до исполнување на одредени барања). Рокот за одговор е 15 дена од добивање на поднесокот. Во комората се вработени и координатори за помош на апликантите и на комисијата за навремено завршување на работата, со кои може да се комуницира по маил или на телефон. (контакт со стручната служба на комората)
СТРУКИ (ПРОФЕСИОНАЛНИ ОДДЕЛЕНИЈА)
Во Комората може да се добие Овластување А и Овластување Б за следните струки
- Архитектура
- Градежно инженерство
- Инженерство од областа на електротехниката
- Инженерство од областа на машинството
- Урбанизам и планирање
- Сообраќајно инженерство
- Геологија
- Геодезија
- Инженерство во заштита при работа и противпожарна заштита
- Инженерство на животна средина
- Технологија и металургија
- Енергетска ефикасност
Согласно Законот за Градење, само ОВЛАСТЕН АРХИТЕКТ/ОВЛАСТЕН ИНЖЕНЕР смее да извршува дејности на ПРОЕКТИРАЊЕ, РЕВИЗИЈА на проектна документација, раководење со ИЗВЕДБА, НАДЗОР врз изведбата на објекти во Македонија, согласно овластувањето кое го поседуваат.
Инженери кои не поседуваат ОВЛАСТУВАЊЕ и не се членови на Комората не се ограничени во својата инженерска работа. Тие можат да бидат соработници на овластените инженери и да се подготвуваат да станат ОВЛАСТЕНИ, но во тој период немаат право да бидат потписници на проектна документација и други валидни документи, а ќе се потпишуваат во проектите како соработници на овластениот инженер кој е носител на активноста и има активно овластување кое го користи во фирма со ЛИЦЕНЦА добиена од соодветното Министерство. Овластениот инженер е должен по нивно барање да им потврди дека биле негови соработици во соодветен проект кое ќе го користат како доказ за стручни квалификации при аплицирање за овластувања во Комората.
Овластувањето има важност од 5 години доколку редовно се подмирува членарината. Овластување без регулирана членарина е неважечко (а комората има обврска да го одземе во рок од 15 дена и за тоа да го извести кандидатот). За да не бидат доведени во непријатна ситуација со престанок на важност на овластувањето, компјутерскиот систем е сетиран да испрати потсетување до членот на неговата активна маил адреса на 30 дена пред истекувањето, втор пат на 15 дена пред истекувањето и трет пат на самиот ден на истекувањето за да можат членовите навремено да го продолжат рокот на важност на своите овластувања за наредната година.
По барање на членот, и заради оправдани причини, овластувањето може да се стави одреден период во МИРУВАЊЕ, а потоа пак да се активира, но може и да се изврши откажување од користење на овластувањата за што постојат соодветни обрасци.
После првите 5 години овластувањето се продолжува за наредни 5 години, доколку се остварени услови за продолжување дефинирани со Законот за градење и со актите на Комората.
Комората ги осигурува сите свои активни членови од професионална одговорност - детали за осигурителната полиса.
Секој активен член на Комората, 5 до 6 пати во годината, на својата домашна адреса го добива печатеното стручно-популарно списание кое го издава Комората - ПРЕСИНГ. Во ПРЕСИНГ членството е информирано за сите активности на Комората, како и за новините во архитектонската и инженерска струка. Списанието изобилува со стручни текстови од сите сфери на инженерската и архитектонска струка.
Комората организира обуки за континуиран професинален развој за своето членство. Годишно се организираат од 20 до 30 обуки од сите сфери на инженерското работење, кои се објавуваат на сајтот на Комората. За учество во обуката овластениот инженер добива соодветен број на CPD поени за Континуирана професионална дообука кои може да ги користи како доказ за личен професионален развој. Комората по препорака на професионалните одделенија иницира, финансира и организира обуки за имплементација на новите инженерски стандарди од Европската Унија.
Членовите на Комората работат согласно донесените законски и подзаконски акти, и по кодексот на професионална етика донесен од Комората. Кодексот ги штити интересите на членовите на Комората и се грижи за етичко практицирање на професијата. Во случај кога одредено право на инженерот е повредено, членот може да покрене барање за утврдување на дисциплинска одговорност. Во Комората постои првостепена и второстепена дисциплинска комисија која ја утврдува одговорноста, и на таков начин го заштитува членот на Комората, но и корисниците на неговите услуги.
Комората донесува тарифник за инженерски услуги, со кој се дефинираат минималните цени на услугите во високоградбата. Со тарифникот се штити градежната дејност и инженерска струка, а посредно и вредноста на интелектуалниот труд за активните членови на Комората (тарифникот сеуште не е стапен на сила, се очекува негово усвојување од надлежните органи (Министерство-Влада) во скоро време)
Во Комората постои Арбитражен суд, кој се формира во посебна постапка, и кој може да посредува во одредени спорови од стручен карактер, во постапка која би била значително пократка и поевтина од евентуален судски спор. (моментално не е активиран)
ДОПОЛНИТЕЛНИ ИНФОРМАЦИИ
Комората иницира и активно учествува во предлагање на измени во законската и подзаконска регулатива од областа на инженерството и градежништвото, водејки грижа за интересите на своето членство.
Комората е активен член на Европскиот совет на инженерски Комори (ECEC – European Council of Engineers Chambers) и Светската федерација на инженерски организации (WFEO – World Federa-tion of Engineering Organizations). Голем дел од меѓународните искуства од овие реномирани светски здруженија, Комората ги пренесува во Македонија. На пример – Kомората работеше на компаративна анализа на меѓународните правни акти и директивите од Европската унија за укинување на минималната цена како единствен фактор на одлучување при јавните набавки, при што сета оваа аргументација беше доставувана до македонските надлежни органи, што и резултираше со измена на македонскиот Закон за јавни набавки. Во рамките на овие меѓународни здруженија, Комората активно учествува во дефинирање на параметрите за меѓународно регулирање на звањето (називот) ОВЛАСТЕН АРХИТЕКТ и ОВЛАСТЕН ИНЖЕНЕР. Исто така, важно е да се спомене дека Претседателот на македонската Комора, Проф. д-р Миле Димитровски е избран за еден од трите потпретседатели на Европскиот совет на инженерски Комори (ECEC) со мандат 2019-2021.
Комората помага во процесот на меѓународни ангажмани на македонските инженери, (но и на странските инженери во Македонија) преку примена на потпишаните билатерални и/или мултилатерални договори за меѓународно признавање на овластувањата издадени од Комората.
ОСНОВНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА КОМОРАТА
Комората на овластени архитекти и овластени инженери е институција со јавни овластувања добиени со Законот за градење.
Комората е единствено професионално здружение на сите архитекти и инженери во државата кое има јавни овластувања.
Комората почна да издава професионални овластувања во 2008 година.
Членството во Комората е на барање на архитектот/инженерот после стекнување на правото на користење на звањето ОВЛАСТЕН АРХИТЕКТ/ОВЛАСТЕН ИНЖЕНЕР, годишната членарина кон Комората е задолжителна, согласно член 39(4) од Законот за градење и изнесува на 50 евра. (во денарска противвредност)
Во моментов кај нас има околу 25.000-30.000 архитекти и инженери. Од нив, околу 7.000 станале членови на Комората, а од нив моментално активни се овластувањата на 3.200 архитекти и инженери. На останатите 3.800 членови овластувањата престанале да им важат (одземени се поради истекот на рокот на важност, или нема барање за нивно продолжување) или се во мирување.
СТАТИСТИКИ