На 25 октомври 2018 година, во просториите на Комората се одржа еднодневен семинар на тема „Што уредуваат измените на Законот за градежни производи и нацрт националните стандарди?“. На семинарот се зборуваше за измените на Законот за градежни производи („Службен весник на РМ“, бр. 120/2018), кои се донесени со цел да се уредат условите за пуштање на пазар на градежните производи од нехармонизирано подрачје, да се уредат условите при увоз на градежните производи, а воедно и подобрување на терминологијата во Законот.
Важно е да се нагласи дека со одредбите на Законот и понатаму се уредува надзор и контрола на градежниот производ, како на пазарот така и при вградување на истиот во градежниот објект кој е во надлежност на надзорниот инженер на градилиштето.
Посебно се регулира контролата на производите, односно документите кои се неопходни за пласман на производот на пазарот од хармонизирано и нехармонизирано подрачје како и контролата при нивното вградување во градежниот објект.
Согласно член 8 од Законот, од страна на Институтот за стандардизација на Република Македонија, изработени се национални македонски стандарди кои го покриваат нехармонизираното подрачје. Еден од круциалните стандарди е и нацрт македонскиот стандард Н МКС 1016:2018 кој содржи правила кои се применуваат во врска со стандардот МКС EN 206:2014+A1:2017. Националниот документ кон МКС EN 206, кој е изработен во согласност со одредбите од наведениот стандард, ги дава критериумите за својствата, производството и сообразноста на бетонот и се користи како водич за употреба на МКС EN 206. До 30 ноември 2018 година, секој кој е заинтересиран може да гласа и да даде свој коментари по нацрт стандардот со креирање на Мој профил преку страничката на ИСРМ на следниот линк: Н МКС EN 1016:2018 www.isrm.gov.mk/mk/tc/work_programme.php
Имплементацијата на стандардите, се очекува да придонесе зголемена ефикасност на контролата на градежните производи и спречување на нелојалната конкуренција на пазарот.
Согледувајќи го овој факт, Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија во соработка со Институтот за стандардизација на Република Македонија го организира овој семинар за стручни лица заинтересирани за подетално запознавање или надополнување на своите знаења во оваа многу значајна област.
Обучувачи на семинарот беа:
- Д-р Соња Черепналковска, дипл. град. инж., раководител на секторот за стандардизација при Институтот за стандардизација на РМ [преземи презентација],
- проф.д-р Петар Цветановски претседател на техничкиот комитет ИСРМ ТК 40-Еврокодови и Национални Анекси [преземи презентација] и
- Вон.проф.д-р Тони Аранѓеловски, претседател на ИСРМ ТК 25-Бетон, производи од бетон и ѕидарија [преземи презентација]
На семинарот присуствуваа 70тина инженери кои беа заинтересирани за темата.
Фотографии од семинарот: