На 29 септември 2020 година, на платото пред претседателската „Вила Водно“ во Скопје се одржа свечена церемонија за доделување на признанието Инженерски прстен на најдобрите дипломирани студенти за 2020 година. Признанието по 17-ти пат го доделуваат Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија.
Оваа година, со почитување на сите здравствени протоколки за заштита од ширење на вирусот Ковид-19, домаќин на церемонијата беше претседателот Пендаровски. Покрај претставници од Комората на овластени архитекти и овластени инженери и Инженерската институција на Македонија, гости на настанот беа Министерот за транспорт и врски - Благој Бочварски, Ректорот на УКИМ - Никола Јанкуловски, проректори, декани, членови на семејствата на добитниците на признанието, претставници на компании и други гости.
Оваа година добитници на признанието се 8 дипломирани инженери (листа на добитници на Инженерски прстен).
Во своето обраќање, претседателот Пендаровски ја нагласи важноста на инженерството во креирањето на целокупната иднина на секое општество.
- „Живееме во свет кој брзо се менува и кој е зависен од современите технологии кои отвораат нови перспективи, но, и свет кој е ранлив и кршлив што особено го покажува актуелната пандемија со Ковид-19. Како идни инженери, вие сте дел од нашиот човечки потенцијал врз кој мора да се темели иднината на нашата земја“, истакна претседателот Пендаровски.
На собирот се обратија и претседателите на Комората ОАИ и ИМИ, Проф. д-р Миле Димитровски и Проф. д-р Христина Спасевска, кои во своите говори истакнаа дека признанието оваа година се доделува во јубилеј со кој се одбележуваат 100 години од формирањето на првото македонско здружение на инженери и архитекти. Се одбележува еден век заедничка работа на сите инженери, од поставувањето на темелите и започнувањето на изградбата на нашата земја, до развивањето на новите технологии, без кои не може да се замисли современото општество. Инженерите учествуваат со препораки во создавањето на домашните правила и закони, но истовремено, како членки на меѓународните организации, пренесуваат искуства и работат на подобри услови за инженерството на европско и светско ниво.
Во име на овогодишните добитници на Инженерски прстен се обрати Божидар Стеваноски, кој истакна дека му е чест што е добитник на признанието Инженерски прстен на еден ваков јубилеј. Рече дека долгогодишната инженерска традиција му овозможува нему и на сите млади инженери да не почнуваат од нула, туку да „застанат на рамениците на џиновите“ и да придонесат до дополнително унапредување на инженерството во Македонија.
Признанието „Инженерски прстен“ се доделува 17. пат, а досега го добиле 178 дипломирани инженери.
Фотогалерија од настанот
Видео од настанот