На 15 октомври 2020 година, во просториите на Комората се одржа работна средба на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, претседателот на Комората и претставници од Управниот одбор.
Една од темите за кои се разговараше на средбата беше примената на Законот за урбанистичко планирање и очекувањата од законот за градење. Покрај тоа, од членовите на Управниот одбор, министерот доби информации за тарифникот за урбанистичко планирање и тарифникот за инженерски услуги, како и за состојбата и потребата од обуки за примена на еврокодовите кои беа неодамна формално прифатени со донесувањето на Правилникот за нивна примена.
– Чест ми е што остварив средба со Комората, каде се запознав со предизвиците и потребите на архитектите и инженерите и со ефикасното работење на Комората која е одлична пласирана во меѓународни рамки. Министерството за транспорт и врски секогаш е отворено за соработка и во таа насока заеднички ќе работиме на подобрување на дејноста. Очекуваме Комората да биде уште поактивна во дискусиите за донесување на новите законски и подзаконски решенија во сферата на градбата. Се надевам на натамошна успешна соработка за потребите на министерството и неговите активности. Овој сектор треба да го направиме уште поквалитетен - изјави министерот Бочварски.
– Со министерот Бочварски разговаравме за актуелни прашања од коморското работење. Го запознавме со нашата организација и потребите од донесување и примена на одредени законски решенија, како и тарифникот за урбанистичко планирање и тарифникот за инженерски услуги. Многу важно прашање се и еврокодовите и нивната примена за усогласување во работењето со европските колеги, изјави претседателот на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, проф. Миле Димитровски.
Претседателот и претставниците на Управниот одбор кон Министерот ја искажаа подготвеноста на Комората за целосна соработка и ставање на располагање на сите технички и интелектуални капацитети за реализација на законските решенија кои се очекува да бидат донесени.
Фотогалерија