Почитувани членови на Комората,
Голема е честа и задоволството, но и сериозна професионална обврска, во наредните четири години да се предводи Комората на овластени архитекти и овластени инженери. Заедно со членовите на органите на раководење и со тимови од професионалци кои се залагаат за истите вредности, ќе го продолжиме патот на развој и етаблирање на Комората како самостојна, професионална и независна организација која постои за да ги штити интересите на инженерите и ги претставува нивните размисли за сите инженерски прашања во професионалното работење и во јавноста.
Комората е релативно нова професионална институција која низ периодот на своето тринаесет годишно работење воспоставила стандарди и принципи на работа. Заради одржување на континуитет, добрите практики во работењето ќе продолжат, но и ќе се надградат со нови, современи и напредни. Ќе продолжиме да се залагаме за подобрување на статусот Инженер во општеството но и пошироко, за подобрување на условите за работа, за воспоставување на повисоки стандарди на професијата, за остварување и заштита на правата на инженерите од сите инженерски струки. Во фокусот на работењето на Комората е и секогаш мора да биде Инженерот. Инженерот со големо И, без разлика на родова и национална припадност, без разлика од кој регион на нашава мала држава доаѓа, без разлика на неговата партиска определеност или неопределеност. Затоа што Инженерот конечно мора да го добие местото достојно на трудот што го вложува, местото што го заслужува во ова општество.
М-р Кристинка Радевски, дипл.инж.арх.
Претседател на Комора ОАИ