На 28 јуни 2021 година, на платото пред претседателската „Вила Водно“ во Скопје се одржа свечена церемонија за доделување на признанието Инженерски прстен на најдобрите дипломирани студенти за 2021 година. Признанието по 18-ти пат го доделуваат Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија.
Гости на настанот, покрај домаќинот Претседателот Стево Пендаровски, претставници од Комората на овластени архитекти и овластени инженери и Инженерската институција на Македонија, беа Министерот за образование - Мила Царовска, Ректорот на УКИМ - Проф. д-р Никола Јанкуловски, Ректорот на УКЛО - Проф. д-р Сашо Коруновски, проректори, декани, членови на семејствата на добитниците на признанието, претставници на компании и други гости.
Оваа година добитници на признанието се 12 дипломирани инженери (листа на добитници на Инженерски прстен).
Во име на овогодишните добитници на Инженерски прстен се обрати Марија Грујоска, која рече дека во животот важно е да се бориш да успееш, но уште поважно е кога навистина ќе успееш.
„Прстенот што денес го добиваме претставува поттик за сите идни генерации да ги изучуваат инженерските науки и да се вбројат во редот на инженери со кои заедно ќе го менуваме и олеснуваме начинот на живеење“, рече Грујоска во име на сите добитници на „Инженерски прстен“.
На собирот се обратија и претседателите на Комората ОАИ и ИМИ, М-р Кристинка Радевски и Проф. д-р Христина Спасевска.
Во продолжение проследете го интегрално обраќање на новоизбраната претседателка на Комора ОАИ, М-р Кристинка Радевски:
Ми причинува особена чест што моето прво официјално обраќање како нов престедател на Комората на овластени архитекти и овластени инженери се случува денес, токму на овој настан кој претставува вистински манифест на подршката на нас повозрасните за вас младите генерации, кои сте нашата иднина.
Комората е професионална организација што ги обединува инженерите од сите струки во нашата земја. Таа е идниот дом на штотуку дипломираните инженери од сите инженерски струки. Во фокусот на моето работење во наредниот четиригодишен мандатен период, особено ќе бидат младите инженери. Посебно ме радува фактот што во новиот состав на Собранието – највисокиот орган на Комората, има толку многу млади колеги. Тие се движечката сила на развојот на професијата што ги трасира идните правила на инженерската струка. Нивната млада енергија внесува динамика меѓу сите инженери. Внесува нова енергија со сите бои на милениумските трендови на технологиите во светот. Секоја информација денес е на дланка на секој и напредокот во технологиите се случува со брзина на светлината. Воведување на новитети е во основата на инженерскиот дух, а воведување на иновации во работата, вклучувајќи ги сите современи технологии и алатки за работа на денешницата се одлика на младите инженерски размисли.
Токму затоа Комората заедно со Инженерската институција на Македонија, продолжува го доделуваат Инженерскиот прстен. Навистина е задоволство што овие две водечки инженерски институции заеднички ги препознаваат и наградуваат најдобрите идни инженери.
Ова највисоко признание млади колеги, пред сѐ е потврда за вашето воспитување и затоа јас најпрво би сакала да ви честитам на вас – гордите родители на овие млади и успешни деца. Успесите на нашите деца, се и наши успеси.
Драги млади колеги, оваа награда е признание за вашиот вложен труд, за вашите квалитети, за визијата и вашите соништа, за перспективите и вашите идни патишта. Вие сте пример за своите генерации и докажавте дека само со едукација, упорност и истрајност, многу работа и откажувања од бројни задоволства кои се предзнак на младешкиот дух, може да се дојде до врвот и да се добие највисокото признание од поискусните колеги. Ова признание е поттик, прв и крупен чекор на вашиот инженерски пат. Ова признание е чест и гордост. Но ова признание за сите вас претставува уште поголема обврска за да се оправда укажаната почест.
Посакувам вие - новите носители на овој Инженерски прстен, успешно да продолжите со реализација на своите планови, во академската сфера или во практичната реализација на инженерските сништа. Ви честитам и ви посакувам многу среќа, продолжете така како што почнавта, но сигурна сум дека можете и уште подобро. Посакувам да чекорите на патот што ви претстои со гордост и достоинство, да бидете примерни и чесни граѓани на нашата татковина во секој поглед.
Оваа иницијатива претставува само мал поттик за сите млади идни инженери да бидат подобри студенти, повеќе да се вложат во совладување на тајните и предизвиците на професијата, повеќе да придонесат за развој на земјава и во светот. Еден век инженерство е добра база да погледнеме кон минатото и во овој миг, да ја креираме иднината на Северна Македонија. Ние како Комора ќе продолжиме да се грижиме за инженерите и за напредокот на инженерството, кое минатата година одбележа еден век постоење на македонските простори. Верувам дека заедно ќе се вложиме во продолжување на традицијата и во совладување на сите современи инженерски предизвици.
Силата е во вас, затоа, драги млади инженери, Македонија се надева на вашата професионална поддршка.
Признанието „Инженерски прстен“ се доделува 18. пат, а досега го добиле 190 дипломирани инженери.
Видео од настанот