На 11 јули, 2021 година, на 81 годишна возраст почина еден од позначајните ликови на современата македонска архитектура, архитект Радован Раѓеновиќ.
Радован е роден во Скопје, 1940 година. Дипломира на Архитектонскиот Факултет во 1964 година, додека постдипломските студии ги завршил на интернационалната школа “Бауцентрум“-Ротердам, Холандија 1972 г.
Својот професионален пат го започнува веднаш по дипломирањето во проектантското биро на „Алумина“ - Скопје во периодот 1965 – 1967 г, каде реализира повеќе ентериери и занатско – фасадни елементи на деловни објекти, како што се Електро – машинскиот факултет во Скопје и деловниот објект на Енергопроект во Софија.
Следниот професионален предизвик го прифаќа во „Пелагонијапроект“ во Скопје се до 80тите години на XX век, каде интетизивно работи проекти во земјите на бившата југословенска федерација како и во Ирак и Чехословачка.
Од 1980 до 1992 година својот ангажман го врзува за „Мавровопроект“ , кога придонесува за ангажманот на македонските проектантски и градежни компании во светот. Особено се работи во Русија, Украина, Азербејџан, Казахстан. Координира и учествува во многу проекти во изградбата на Москва, Нижњи Новгород, Сочи, Запорожје, Рига, Ново Кузњецк, Алма Ата.
Работата во странство продолжува се до 2008 година, врзуавајќи ја со „Римако“ – Виена, Москва и Скопје, потоа „Будимекс“ – Лавов, Украина како и домашното „Студио Р“ каде го предава своето знаење на помладите колеги.
Позначајни реализирани дела:
Станбени објекти :
– Станбена зграда П+4 – Кисела Вода, Скопје – 85 станбени единици
– Станбен објект П+3 во Дебар Маало, Скопје
– Станбен објект П+10 во Лавов, Украина
– Станбен објект П+3 – апартмани во Будва, Црна Гора
– Повеќе индивидуални куќи, вили во Скопје, Маврово, Будва, Солун –Грција.
Туризам и угостителство
– Туристичка населба “Мрдаја“- Дојран – бунгалови, ресторан, плажни објекти
– Ауто камп – Љубаниште, Охридско езеро
– Хотел “Скопје“- Мавросвко езеро
– Хотел “Еуротел“- Струга
– Хотелски комплекс “Запољарије“- Сочи, Русија
Спортски објекти
– Олимписки пливачки центар – Скопје
– Ски центар Маврово – жичарница
Деловни објекти
– Административна зграда “Југобанка Пелагонија“- Струмица
– Спортска медицина – Пелагонија – Скопје
– Деловен објект – Москва
– Деловен, повеќенаменски објект “Будимекс“ – Лавов, Украина
– Деловен објект “КМК“- Ново Кузњецк, Русија
– Регионален архив – Москва, реконструкција на објект изграден во XVIII век
– Деловен, сообраќаен центар – Рамади, Ирак
Индустриски објекти
– Авто база на ЈП Градски сообраќај – Ѓорче Петров, Скопје
– Нова фабрика за масло “Благој Горев“- Велес
Меморијални објекти
– Споменик – 30 години од формирање на големите македонски партизански одреди – Митрашинци
– Спомен чешма, фонтана – Мавровски партизански одред – Маврово
– Меморијален комплекс “Слобода“- Кочани
НЕРЕАЛИЗИРАНИ ПРОЕКТИ
Повеќе нереализирани проекти во Македонија, Србија, Русија, Украина, Чешка, Црна Гора како на пример :
– Хотел во Дојран
– Туристичка населба во Будва
– Деловен објект во Москва
– Деловен објект – банка во Лавов, Украина
– Деловен објект – Прага, Чешка
Во професионалниот живот се стекнува и со многу домашни и регионални награди, признанија и откупи како и ангажмани во Претседателството на Сојуз на архитекти во Македонија (1978 и 1986 год.), Сојуз на архитекти на Југославија, членување во жири комисиии на архитектонски конкурси, потоа учество во креирање на телевизиска програма за афирмација на теми од полето на архитектурата и заштитата на културното наследство.
Едно од вонвременските остварувања кое останува во листата на ремек делата, се смета Споменикот на слободата во Кочани, каде соработува со големиот македонски сликар Глигор Чемерски. За истото посебна рецензија и признание оддава и легендарниот Богдановиќ.
Фото: Борис Јурмовски
Користен извор: МАРХ Македонска архитектура