Промоцијата на добитниците на награди од Меѓународниот архитектонски конкурс „New Spatial Reality of Cities Post-Covid 19“ се одржа на 17 ноември 2021 година, он-лајн преку Zoom платформата.
На промоцијата се обрати м-р Кристинка Радевски, Претседателот на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, како ко-организатор на овој Меѓународен конкурсот. Таа ја истакна важноста и значењето на институцијата Конкурс, со цел постигнување на врвни резултати во архитектурата. Во име на организаторите со свои излагања се обратија и проф. д-р Огнен Марина, декан на Архитектонскиот факултет во Скопје и модераторот, проф.д-р Бојан Каранаков.
Меѓународниот архитектонско-урбанистички конкурс „Новата просторна реалност на градовите пост Ковид-19“ промовира нови, иновативни и радикални просторни проектантски концепти во архитектурата и урбанистичкото планирање кои ќе бидат основа за поширока дебата за иднината на живеењето во градовите во периодот после пандемијата од Ковид-19 вирусот, период кој ќе биде обликуван пред се од правилата и логиката на новата био-политичка парадигма.
Исто така, авторите на трите наградени трудови со кратки презентации ги претставија своите идеи за новата просторна реалност пост Ковид-19 и тоа по следниот редослед: прво наградениот труд го претстави Xenia Yakimenko (во име на тимот составен од Xenia Yakimenko, Alexandra Chislavleva и Sergey Ogorodnikov од Краснојарск, Русија), второ наградениот труд го претставија Катерина Пановска и Марија Трајаноска (од Архитектонскиот факултет од Скопје, Република Северна Македонија), додека трето наградениот труд го претстави Qin Yinan (во име на тимот составен од Qin Yinan, Xie Chao, Yan Jingting и Wei Bo од Yangtze University, Northwest University, Chongging Metropolitan College of Science and Technology, Chang’an University, Xi’an, Shaanxi Province, Кина).
Важно е да се напомене дека на конкурсот пристигнаа вкупно 46 трудови од учесници од 12 земји.
Организатори на конкурсот беа Архитектонски факултет Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Комора на овластени архитекти и овластени инженери на РСМ.
Фотографии од настанот: