На 19 ноември 2021 година, преку видео конференциска врска се одржа 21 Генерално собрание на Европскиот Совет на Инженерски комори (ЕCEC – European Council of Еngineers Chambers). Комората на овластени архитекти и овластени инженери како постојана членка, во овој изборен процес номинираше свои кандидати за позициите Претседател, Потпретседател и Ревизор во управните органи на оваа престижна европска инженерска организација.
Претседателот на Комората М-р Кристинка Радевски, се обрати до учесниците, кандидатите и гостите присутни на Генералното собрание, нагласувајќи ја спремноста на КОАИ не само за продолжување со работа на меѓународно поле во рамките на ЕСЕС, туку и продлабочување на соработката со сите комори членки на ЕСЕС поединечно. Таа се заблагодари на проф. д-р Миле Димитровски како претходен Претседател на Комората и досегашен Потпретседател во Управниот Одбор на ЕСЕС за дадениот придонес во етаблирање на Комората во регионот и пошироко, ја нагласи потребата од зедничко делување на сите членки на ЕСЕС во насока на остварување на инженерските заложби и изрази надеж дека Република Северна Македонија ќе ја добие подршката од членките на ЕСЕС на патот кон своето позиционирање во големото европско семејство.
Пред почетокот на изборното собрание, актуелниот претседателот на ECEC Klaus Thurriedl ја најави Новата европска Баухаус иницијатива и презентација на истата направи Paulo Negro од Unit E.4, Safety and Security of Buildings, European Commission, Joint Research Centre.
Номинираните за изборните позиции имаа можност да се претстават и да ја претстават својата програма пред присутните. Гласањето се одвиваше по електронски пат, преку посебна апликација за спроведување на тајно гласање.
По сумирање на гласовите беше констатирано дека за претседател на ЕЦЕЦ е реизбран досегашниот Претседател Klaus Thurriedl од Австриската инженерска комора, за Генерален секретар беше избран Juan Blanco Lino од Шпанската комора, а за Потпретседатели: Nina Dražin Lovrec од Хрватската Комора, Roberto Orvieto од Италијанската Комора и Hubertus Brauer од Комората на Германија. Ревизор на ECEC во периодот 2021-2024 ќе биде Владе Гроздановски како претставник на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Северна Македонија заедно со Andrea Theodotou од комората на инженери на Кипар. Додека, за благајник е потврден изборот на Gabor Szollossy од Унгарската Инженерска Комора. Мандатот на новиот состав на ЕСЕС е три години од денот на изборот.
Повеќе на www.ecec.net
Фотографии