На 8 февруари 2022 година, со почеток во 14.30 часот се одржа промоцијата на книгата Градежна физика – основа на енергетска ефикасност на зградите од проф. д-р Петар Николовски. Промоцијата се одржа електронски преку платформата ZOOM, а во исто време беше пренесувана во живо на Facebook страната на Комората. На отворањето, со пригоден говор, се обрати м-р Кристинка Радевски, Претседател на Комората. Таа во своето излагање изрази задоволство што токму Комората е издавач на оваа книга и го нагласи нејзиното значење како монументално дело во струката.
Авторот, Д-р Петар Николовски, во кратки црти ја презентираше новата книга преку виртуелна анимација на одделни делови од содржината. Нагласи дека: „Книгата ГРАДЕЖНА ФИЗИКА е наменета пред сè на архитекти и градежни инженери, но делумно и на термичари од машинска фела, кои во својата секојдневна работа ќе можат успешно да ја користат. Притоа мислам на проектанти, ревиденти на проекти, надзорни органи, енергетски контролори и слични стручни ангажмани.“
На промоцијата свое поздравно обраќање имаа проф. д-р Димитар Назарски, од Универзитетот за архитектура, градежништво и геодезија во Софија, Република Бугарија кој го напиша предговорот и проф. д-р Александар Рајчиќ, дипл. инж. арх. од Архитектонскиот факултет во Белград (Република Србија) еден од рецензентите, додека рецензентот Проф. д-р Алеш Крајнер, од Универзитетот во Љубљана (Република Словенија) научен советник и член на Словенечката Инженерска Академија не беше во можност да се поврзе преку електронската платформа.
Генералниот секретар на Комората, м-р Димче Атанасовски сподели со присутните дека книгата е веќе во продажба и на следниот линк (https://bit.ly/naracka-kniga) со пополнување на податоците може да се изврши нарачка. Цената на чинење на книгата е 1200 денари + 130 денари достава до адреса или вкупно 1330 денари. Плаќањето се врши при достава на книгата.
Во продолжение можете да го погледнете видео записот од промоцијата.
Кратка биографија на авторот
Д-р Петар Николовски, дипл. инж. арх. теоретски и практично се занимава со енергетска ефикасност и градежна физика повеќе од 50 години. Автор е на 12 книги од оваа област, а докторската дисертација на тема „Линеарни топлински мостови во згради во сеизмички региони" ја има одбрането во Софија, пред Специјализиран научен совет на Вишата атестациска комисија при бугарската Академија на науки.
Тој е еден од тројцата автори на актуелниот македонскиот Правилник за енергетски карактеристики на згради и овластен обучувач на курсеви за енергетски контролори.
Повеќе од 15 години го водел Техничкиот комитет ИСРМ ТК8 за стандарди од областа топлински карактеристики на згради, во рамките на Институтот за стандардизација на Република Македонија.
Активно соработува со соодветните комитети во CEN (Европски комитет за стандардизација) и во ISO (Меѓународен комитет за стан дардизација).
Како вонреден професор предавал градежна физика, обновливи извори на енергија и одржлива архитектура на додипломски и пост дипломски студии на универзитетите ФОН и МИТ.
Со свои стручни трудови учествувал на повеќе меѓународни конфе ренции на горната тема. Учесник е во повеќе меѓународни проекти за енергетска ефикасност и енергетска рехабилитација на згради (GTZ, KWI, SMAQVa, CARDS 2002, AEA, UNDP, GIZ, Western Balkans Regional Energy Efficiency Programme REEP Plus).