По 19 пат во Охрид, во период од 27 – 30 април 2022 година, се одржа Симпозиумот на Друштвото на градежни конструктори на Македонија (ДГКМ 2022). Претседателството на ДГКМ на чело со претседателката проф. д-р Мери Цветковска успешно реализираше уште еден меѓународен симпозиум.
Имајќи во предвид дека во септември 2020 година, во паралелна употреба со актуелните прописи за проектирање на конструкции беа воведени Еврокодовите, а ценејќи ја потребата од дополнителна подготовка на инженерскиот кадар за нивна примена, годинава симпозиумот беше посветен на имплементацијата на Еврокодовите како исклучително важни за градежната индустрија денес. Симпозиумот го отвори министерот за транспорт и врски, г-дин Благој Бочварски, покрај него на свеченото отворање се обратија претседателот на Комората на овластени архитекти и овластени инженери м-р Кристинка Радевски, претседателот на Инженерската комора на Црна Гора, проф. д-р Никола Луковиќ, деканите на Градежниот факултет и Архитектонскиот факултет од Скопје, директорот на ИЗИИС како и други почесни гости.
Со мотото „ЕВРОКОДОВИ-Порта кон Европа“ беа презентирани 138 труда пред преку 250 учесници од страна на еминентни стручни лица од земјава и регионот. На ваков начин предавачите се обидоа да ја приближат предметната проблематика до нашата стручна јавност.
Покрај главната тема, беа застапени и темите: теориски и експериментални анализи на конструкции, современи методи за проектирање на конструкции, современи техники за изведба на конструкции, следење на состојбата и однесувањето на конструкциите, одржување, санација, зајакнување и реконструкција на објектите, доверливост и трајност на конструкциите, современи материјали и технологии, предуслов за одржлив развој, инфраструктурни објекти и други теми поврзани со градежното конструкторство.
Во соработка со Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Северна Македонија и Институтот за стандардизација на Република Северна Македонија, во рамките на Симпозиумот се одржаа две тркалезни маси насловени „Имплементација на Еврокодовите како национални стандарди - размена на искуства во регионот“ и „Взаемна поврзаност и усогласеност на регулативата и стандардите за проектирање и изведба на објекти“.
Главна цел на симпозиумот беше да обезбеди форум, каде домашните и странските учесници ќе можат да разменат знаење и идеи за најновите научни достигнувања и практики, поставувајќи насоки за идни истражувања и соработки во областа на градежништвото. Повикани беа да учествуваат градежни конструктори и студенти, како и истражувачи од сродни области.
Фотогалерија