На 20 октомври 2022 година во конференциската сака на Комората беше промовирана книгата на д-р Петар Николовски, „Градежна физика - Основа на енергетска ефикасност на згради”, каде како издавач се јавува Комората на овластени архитекти и овластени инженери. На промоцијата беа присутни и рецензентите на книгата проф. д-р Александар Рајиќ од Белград, Република Србија и проф. д-р инж. Димитар Назарски од Софија, Република Бугарија. Поздравен говор на отварањето на настанот даде претседателот на Комората м-р Кристинка Радевски.
На настанот присуствуваа околу 40 гости, од кои поголемиот дел беа инженери и архитекти кои работат во областа на проектирањето и енергетската ефикасност. Настанот заврши со пригоден коктел и дружење на гостите.
Д-р Петар Николовски, дипл. инж. арх. теоретски и практично се занимава со енергетска ефикасност и градежна физика повеќе од 50 години. Автор е на 12 книги од оваа област, а докторската дисертација на тема „Линеарни топлински мостови во згради во сеизмички региони" ја има одбрането во Софија, пред Специјализиран научен совет на Вишата атестациска комисија при бугарската Академија на науки.
Тој е еден од тројцата македонски автори во состав на меѓународниот тим на Проектот REEP Plus (Western Balkans Regional Energy Efficiency Programme) кој ја изработи новата подзаконската регулатива на Законот за енергетска ефикасност (Правилник за енергетски карактеристики и енергетска контрола на згради).
Повеќе од 15 години го водел Техничкиот комитет ИСРМ ТК8 за стандарди од областа топлински карактеристики на згради, во рамките на Институтот за стандардизација на Република Северна Македонија.
Активно соработува со соодветните комитети во CEN (Европски комитет за стандардизација) и во ISO (Меѓународен комитет за стан дардизација).
Како вонреден професор предавал градежна физика, обновливи извори на енергија и одржлива архитектура на додипломски и пост дипломски студии на универзитетите ФОН и МИТ.
Со свои стручни трудови учествувал на повеќе меѓународни конфе ренции на горната тема. Учесник е во повеќе меѓународни проекти за енергетска ефикасност и енергетска рехабилитација на згради (GTZ, KWI, SMAQVa, CARDS 2002, AEA, UNDP, GIZ)
Фотографии од промоцијата
Видео снимка од промоцијата