На 2 ноември 2022 година, во просториите на Комората се одржа предавање за примената на БИМ технологијата во Словенија. На настанот со поздравен говор се обрати м-р Кристинка Радевски, претседател на Комората. Потпретседателот на Комората, Дејан Метикош, исто така, ги поздрави присутните и им се заблагодари на предавачите Матјаж Шајн и Петар Драгиќ од компанијата CGS Labs од Словенија за издвоеното време да го одржат ова предавање во Комората на маргините на Вториот Македонски конгрес за патишта кој се одржува на 3 и 4 ноември 2022 година во Скопје.
Предавањето на двајцата експерти беше фокусирано на искуствата од имплементација на БИМ во Словенија и во регионот на Западен Балкан, со практична презентација за употреба на конкретни БИМ алатки, вклучително и алатки кои се софтверски разработени од CGS Labs. Компанијата CGS Labs работи на развој на софтвер во областите на патната, железничката инфраструктура и БИМ услугите.
Тежиштето на презентацијата беше ставено на користењето на комплексни информациски системи на автопати и железнички пруги, со кое се прави поврзување на луѓето и податоците за полесно управување со системите. Се градат цврсти мостови помеѓу дизајнот, изградбата, управувањето и одржувањето на изградената патна и железничка инфраструктура и се помага во одржувањето на чиста и здрава животна средина. Беше истакнато дека иновативните технологии го менуваат начинот на кој работиме и размислуваме.
Матјаж Шајн е еден од оригиналните основачи на siBIM, словенечкото BIM друштво и негов активен член. Тој го води buildingSMART Chapter Словенија и е активен промотор на БИМ технологиите.
На предавањето присуствуваа педесетина инженери кои по завршувањето се здобија со сертификати со 1 CDP бод.
Преземи ги презентациите:
Презентација на Матјаж Шајн [9 MB]
Презентација на Петар Драгиќ [11 MB]
Фотографии од предавањето