На 3 и 4 ноември 2022 година, во Скопје се одржа Вториот Конгрес за патишта - 2022 во организација на Друштво за Патишта на Република Македонија (ДПМ). Во нашата земја и во регионот во тек се значајни инвестиции во областа на патната инфраструктура, што е уште една причина за организирање на овој Конгрес. Собирот беше одлична можност за размена на позитивни искуства и знаења, на него присуствуваа повеќе од 350 учесници од 16 земји во Европа и од Македонија, со повеќе од 60 научни трудови.
На свечено отворање се обратија: проф. д-р Горан Мијоски - Претседател на ДПМ, проф. д-р Горан Марковски - Декан на Градежниот Факултет во Скопје, Ејуп Рустеми, директор на ЈПДП, м-р Кристинка Радевски - Претседател на КОАИ, Matej Zakonjšek - Директор на транспортна унија / Director of the Transport Community, Carsten Karcher - Генерален секретар за ЕАПА / Secretary General for EAPA, проф. д-р Никола Јанкуловски - Ректор на УКИМ, H.E. David Geer - Амбасадор на делегацијата на ЕУ во РС Македонија / Head of the EU Delegation to the RN Macedonia, Н.Е. Благој Бочварски - Министер за транспорт и врски, Н.Е. Фатмир Битиќи - Заменик Претседател на Владата на РС Македонија.
Во своето обраќање м-р Кристинка Радевски, претседател на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, истакна дека:
„Имајќи го предвид обемот на инвестициски активности во патната инфраструктура, која што е од витално значење за секоја земја, но особено за нас – земја која е кандидат да стане членка на големото европско семејство, организирање на еден ваков Конгрес, поддржан од сите важни значајни субјекти во оваа област, претставува многу значаен настан за целата инженерска фела во нашата земја. Посебно што ова претставува ретка можност и ексклузивитет сите наши инженери да се запознаат со новите трендови и да разменат најразлични искуства со сите ученици на овој настан.“
исто така, нагласи:
„... клучната задача на Комората, а тоа едукативниот дел и програмските определби за континуиран професионален развој на нашите членови. Ерата на современите технологии преку дигиталните трансформации го доближуваат светот на дланката до секој оној кој ја разбрал суштината Long life learning, процесот на доживотно учење. Усовршувањето на сите полиња е веќе наше секојдневие, затоа што базичните вештини не се повеќе доволни за успешно пробивање на пазарот на трудот. Инженерите мораат да ги докажуваат своите вештини и компетенции преку иновативност и презентирање на нови концепти, кои пак ќе им овозможат повисоко позиционирање во инженерскиот свет со високи компетенции.
Комората во континуитет работи на постојана доедукација и подобрување на знаењата на своите членови преку следење и споделување на светските трендови, организирање на обуки, семинари и различни форми на информативни сесии. И токму затоа активно ги подржуваме сите инженерски активности во земјава. Професионални настани како овој, треба да се случуваат многу почесто.“
На Конгресот беа застапени темите: планирање и дизајнирање, управување, изградба и одржување, безбедност на патниот сообраќај, заштита на животната средина и одржлив развој, инфраструктурни објекти, транспортна политика и финансирање, ИТС и новите технологии во сообраќајот, како и други сродни теми од областа на патиштата и презентација на нови проекти.
Фотографии од настанот