Одбележувањето на 15 годишнината беше организирано на 16 декември 2022 година, во просториите на Комората. Раководството на Комората одлучи одбележувањето на овој јубилеј да биде скромно во смисла на организација, но несебично и искрено во оддавање признание на сите оние архитекти и инженери кои низ годините дале свој придонес за развојот на инженерството, развој на Комората, развој на своето професионално одделение или на струката воопшто.
Оваа година, покрај традиционалните годишни именувани награди на истакнати членови на Комората (листа на именувани награди за 2022 година), беа доделени и специјални признанија за архитекти и инженери кои со својата посветеност 15 години во континуитет, се вградиле во јадрото на Комората (листа на добитници на Плакети). Исто така, беа доделени благодарници и на пријателите – долгогодишни соработници на Комората.
Присутните ги поздрави м-р Кристинка Радевски, Претседател на Комората. Во своето обраќање таа истакна дека „... значајните годишнини се прославуваат со цел да се подзапре, да се фрли поглед назад, да се направи ретроспектива на сработеното, рефлексија на оствареното наспроти ветеното, премерување на резултатите и проверка на курсот, дали сме сѐ уште на вистинскиот пат“. М-р Радевски, во продолжение на обраќањето во кратки црти ја изнесе сопствената визија за иднината на Комора – воведување на БИМ за сите видови објекти, е-одобрение, е-урбанизам, е-дневник, е-Комора, комплетна дигитална трансформација и интеграција на сите процеси на работењето; плата за секој архитект и инженер достојна на неговиот труд па дури и повеќе; работа за сите наши деца овде, во татковината, а не надвор од неа распрскани на сите страни на светот. Во оваа насока, таа го заврши излагањето со цитирање на својата животна девиза, која гласи: „Сонувај големо, работи напорно, остани фокусиран, биди скромен и невозможното НЕ постои“.
Гостин на свеченоста и добитник на признание за особен придонес за развој на инженерството беше Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски. Тој во своето обраќање истакна: „Како министер, но најпрво како архитект, ја давам целосно мојата поддршка на Комората сите овие години на нејзиното функционирање. Министерството за транспорт и врски е силно посветено на унапредување на градежниот сектор, преку соработка со Коморите и обезбедување на подобри услови за работа на сите архитекти и инженери и подигнување на достоинството на професијата преку донесување на значајни акти. Изразувам голема благодарност до Претседателката и членовите на Комората за доделената Плакета. Трудот кој го вложуваме е значаен за да постигнеме резултат, а успесите во реформските процеси се заеднички. Честитки за јубилејот, посакувам Комората да остане сплотена и единствена, бидејќи така најдобро ќе се бори за струката и фелата.“
Доделувањето на наградите, признанијата и благодарниците беше проследено со громогласен аплауз, а секој од добитниците на годишните награди на Комората имаше кратко обраќање во знак на благодарност.
Свеченоста заврши во неформално дружење, дискусија и евоцирање на спомени од страна на присутните за работењето на Комората во изминатиот период.
Фотогалерија
Доделување на годишните награди - Добитници
Доделување на плакети - Добитници