Ве информираме дека е излезена од печат книгата ПРИРАЧНИК со решени примери за пресметување на темелни и анкерни конструкции според ЕВРОКОД.
Автори: Проф. д-р Јосиф Јосифовски, Доц. д-р Бојан Сусинов
Рецензенти: Проф. д-р Милорад Јовановски и Проф. д-р Спасен Ѓорѓевски
Издавач: Градежен факултет, Универзитет Св. Кирил и Методиј
Област: Градежни конструкции – Геотехника – Проектирање – Еврокодови (технички стандарди) – Пресметки- Прирачници
Европските норми (EN) се технички стандарди меѓу кои се и еврокодовите како регулатива за проектирање за градежни конструкции. Изготвени според искуствата, практиката, научните и истражувачки достигнувања на Европа во изминативе 50 години, нивната примена гарантира највисок степен на технички квалитет и сигурност. Со нив се елиминираат разликите преку воведувањето на единствен степен на сигурност за конструкциите. Исто така, тие овозможуваат еднакви услови за инженерите, изведувачите, проектантите и производителите да ги нудат своите услуги и производи на еден поголем пазар. Во февруари 2008 година со официјалното издавање на еврокодовите, означен е и почеток, со што се постави камен-темелникот воведувајќи 10 нови стандарди за проектирање на градежните конструкции. Помеѓу останатите стандарди, тука е и стандардот EN 1997 за геотехничко проектирање кој заедно со 1990, 1991 и 1998 се сметаат за клучни т.н. „umbrella codes“. Оттогаш, сите земји членки на ЕУ ги користат новите европски стандарди.
Стандардот EN 1997 или популарно наречен Еврокод 7, е составен од два комплементарни дела, кои формираат една општа рамка.
Првиот означен како EN 1997-1 со наслов „Геотехничко проектирање – Дел 1 Општи правила“, ја уредува областа на геотехничкото проектирање. Истиот е составен од нормативен дел кој дефинира одредби и принципи на проектирање, како и општи правила за примена. Овој документ е дополнет со повеќе анекси кои се со нормативен и информативен карактер.
Вториот означен како EN 1997-2 со наслов „Геотехнички истражни работи и испитувања“, ја уредува областа на геотехничкото испитување и истражување. Всушност, со него се опишуваат сите теренски и лабораториски постапки за испитување и истражување на геотехничката средина.
Заложбата за воведување и хармонизирање со еврокодовите, како дел од европската легислатива и во РС Македонија, потребно е да се забрза со заложба на сите инволвирани страни. Во рамките на Институтот за стандардизација на Република Северна Македонија (ИСРСМ), работи Техничкиот комитет 40 за еврокодови и национални анекси и Работната група 7 надлежна за геотехничкото проектирање. Тој како национално стандардизациско тело, веќе ги усвои еврокодовите како технички стандарди, вклучувајќи ги и придружните национални анекси. Во следниот период претстојат активности за десиминација и имплементација на еврокодовите во практиката меѓу инженерите и проектантите. Водени токму од оваа потреба, авторите со овој прирачник за проектирање на темелни и анкерни конструкции според ЕN 1997-1 и ЕN 1998-5, сакаат да дадат свој личен придонес во промоцијата на еврокодовите и да помогнат за нивната имплементација како македонски стандарди за проектирање на градежни конструкции.
Во прирачникот се обработуваат две области, и тоа: Проектирање на темелни конструкции и Проектирање на анкерни конструкции. Под темелни конструкции поточно се мисли на плитки и длабоки, каде што како плитки се обработува темелот самец, лентовидниот темел, темелната скара и темелна плоча, додека коловиот темел се обработува како систем за длабоко темелење. Дополнително, се обработуваат и анкерните конструкции кои како геотехнички објекти често се применуваат независно, но и во комбинација со потпорни тела (ѕидови) за стабилизација на градежни јами и коснини.
Прирачникот е организиран во четири глави, а функционално секоја глава е составена од два дела, и тоа: првиот се однесува на теоретските правила и принципи, како и постапки кои се опишани во еврокодовите, комбинирани и формулирани на начин кој ќе биде лесно разбирлив. Вториот е дел во кој се решаваат практични задачи од конкретните подобласти. Сите пресметки кои се даваат, се изведени во согласност со одредбите предложени во еврокодовите и се опишани во првиот дел и тоа за статички и сеизмички товарни дејства.
Сите овие теми заеднички претставуваат една целина која ќе биде корисна, пред сѐ за студентите, но и за инженерите од практиката.
Проф. д-р Јосиф Јосифовски
вработен на Градежниот факултет во Скопје
член на ТК40 за Еврокодови и национални анекси и
претседавач со Работната група 7 за Геотехничко проектирање
Трезорска сметка: 100 000 000 063 095
Уплатна сметка 1600104219 788 15
Приходна шифра 723219 програма 41.
Цената на книгата изнесува 500 денари со вклучен данок од 5%.