На 30 јуни 2023 година во просториите на Комората, со почеток во 14:00 часот се одржа стручно предавање на тема „Основни начела на монтирање и контрола на системите за малтерисување, глетување и потреба од основни премази”.
Предавањето е резултат на континуираната заложба за реализација на донесените програмските определби на Претседателот и раководството на Комората, во насока на интензивирање на основните начела за континуирана едукација на инженерската фела.
Темата беше изнесена од претставниците на компанијата „Кнауф“ г-дин Александар Николовски, раководител на оддел за прашкасти материјали и г-дин Блажен Зотовски, советник за сува градба.
Предавањето е наменето за инженерите кои поседуваат овластување за надзор но, на начинот на кој беше елаборирана темата се покажа дека информациите се суштествени за сите инволвирани субјекти при процесот на градење.
Темата всушност го разработи површинскиот, а со тоа највидливиот и најкоментиранот дел на секоја градежна структура.
Првиот дел се однесуваше на фундаменталното значење на подлогите пред процесот на малтерисување.
Апострофот беше поставен на патентот на компанијата Кнауф, т.е Бетон контакт.
Детално беа разработени видовите на градежни површини кои треба да се малтерисуваат и беше објаснето дека колоритот на грунд - материјалите е директно поврзан и со надзорот во градежниот процес.
Понатаму беа анализирани предностите и недостатоците на цементните и гипсаните малтери. Беа дадени оперативни упатства каде сѐ треба да се употребуваат, а каде да се избегнуваат. Се нагласија бенефитите од употребата на гипсаните малтери за регулирање на микроклимата во просториите. Исто така беше опфатена и темата за санација на многу оштетени ѕидови.
Во вториот дел се анализираше стандардот за толеранции во високата градба особено за т.н - рамност. Беа посочени совети за практично делење на површините со коефициенти Q1, Q2, Q3, Q4, односно површини кои треба да се исклучително мазни и површини кои немаат потреба од совршеност.
На крај беа презентирани и видови на глет-маси, и начинот според кој треба да бидат селектирани и аплицирани за да имат долг век на траење без пукнатини.
Презентацијата беше пропратена со интересни кратки видеа, а на лице место беа покажани и мустри од различните материјали.
Не помалку важна е и комуникацијата на колегите по официјалниот дел за време на пригодниот коктел, кога се отвораат интересни прашања и се споделуваат оперативни искуства помеѓу инженерите - членови на Комората.
Во продожение фотографии од настанот: