Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Северна Македонија перманентно се грижи преку своите одделенија за континуиран професионален развој на своите членови воспоставувајќи различни облици на соработка.На иницијатива на одделението за електротехника и во организација на Комората на 09-06-2023 и 10-06-2023 се одржаа „Првите денови на електроинженерите во Република Северна Македонија“.Со внимателно одбрани теми беа опфатени различни области кои се однесуваат на проучувањето и примената на електрична енергија, електрониката и електромагнетизамот. Апострофот беше ставен на современите текови во електротехниката.Интернационалноста на настанот беше потврден со учество на еминентни гости од Република Словенија и Република Црна Гора. Профилот на предавачите беше и од едукативната сфера но истовремено и од реалниот активен сектор во областа. Настанот го отвори Претседателот на Комората архитект М-р Кристинка Радевски со пригодно обраќање заедно со раководителот на одделението за електротехника инженер Владе Гроздановски.
Официјалниот дел од настанот започна со претставниците на ЕТИ Словенија, М-р Александер Цилишек и Бобан Живковски дипл.ел.инж. кои ја претставија темата „Добра пракса во изборот на заштита на DC струјните кругови во ФЕЦ и Е-Мобилност – станица за полнење на ел. Возила“. Втората тема беше под наслов „Светлина на животот“ од претставникот на фирмата „Блаком“, а се однесуваше на современото одгледување на растенија при услови на вештачка светлина. Свое претставување имаше и Електротехничкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ со учество на: проф. д-р Драган Миновски, проф. д-р Гоце Стефанов, проф. д-р Тодор Чекеровски и проф. д-р Василија Шарац со предавања на следните теми: „Енергетска ефикасност на електрични уреди“, „ IoT Smart Energy DC Meter“, „V/F AC Motor Controller based on Intelligent Power Module“, „Исплатливост на фотоволтаични системи поставени на индустриски објекти и домаќинства“. М-р Небојша Шолаја дипл.ел.инж. ја образложи темата :„Автоматско управување со гумени брани и системи за детекција, вибрација и следење на облиците на браните“. Претставниците од Република Црна Гора - Жарко Дробњак дипл.ел. инж. и Василије Синџиќ, дипл.ел.инж. зборуваа на темата „Оправданост и исплатливост на чилер А со „фри“ ладење. Вториот ден исто така беше исполнет со квалитетни и актуелни презентации. На почетокот проф. Д-р Димитар Димитров од Факултетот за електротехника и информациски технологии зборуваше за аспектите при планирање и изведба на ФБ системи, а во продолжение проф. Д-р Менде Атанасовски од Техничкиот факултет во Битола зборуваше на темата „Модерните ЕЕС и предизвиците од обновливите извори на енергија“ со исклучително напредна анализа. Дирекни оперативни идејни проекти и анализи од територијата на нашата држава беа презентирани од претставниците на ЕСМ и тоа од Благој Гајдарџиски, директор на сектор за развој и инвестиции со темата „Пловечки фотонапонски централи на вештачки езера во Македонија“ и Имер Занку со темата „ Фотонапонска централа ЈПП Осломеј 3 со инсталирана моќност од 100 MW“. По паузата се претстави м-р Петре Ристески од Дарис инженеринг, водечка фирма за опрема за громобранска заштита, со темата „Громобранска заштита на ФЕЦ со раностартувачки громобрански фаќачи“. Професорите Д-р Драган Миноски и Д-р Билјана Ч. Димитровска ја елаборираа актуелната тема „Исплатливост на фотоволтаични системи поставени на индустриски објекти и домаќинства во Македонија согласно актуелната регулатива“. Официјалниот дел на настанот се заокружи со г-дин Блерант Рамадани дипл. ел. инж. со „Апликација на машинско учење во проекти од обновливи извори на енергија“. Суштествени размени на стручни мислења помеѓу инженерите се одвиваа и за време на кафе паузите и пригодните кетеринзи.
Интенција е настанот да прерасне во годишен собир кој ќе биде форум за размена на идеи и искуства и да претставува мост помеѓу теоријата и праксата во областа на електротехниката.
Презентации од настанот [ZIP фајл 24,3MB]