На покана на Хрватската Комора на инженери по електротехника, на 15-ти Денови на електроинженери што се одржаа од 4 до 7 октомври во Бол на островот Брач во Хрватска, присуствуваа Претседателката на Комората М-р Кристинка Чулак, раководителот на одделението за електроинженери Владе Гроздановски и членот на Надзорниот Одбор на Комората, Миле Дабевски.
Во своето обраќање на свеченото отварање Претседателката Чулак ги поздрави присутните во име на сите членови на Комората и им го честита јубиларното издание на овој најпрестижен настан на електроинженерите на Хрватска, со желби за уште долги години успешна работа и продлабочување на меѓусебната соработка меѓу двете комори. Таа истакна дека во време на глобалната енергетска транзиција и во процесите на изнаоѓање на обновливи извори на енергија со цел зачувување животната средина на планетата земја, улогата на електроинженерите е клучна и дека вакви собири се најдобриот начин за размена на искуствата, но и постигнување на уште поголеми резултати.
Обемната програма вклучи голем број на презентации меѓу кои треба да се истакнат: Примената на вештачка интелигенција во сајбер безбедноста, Улогата на хидроцентралите во енергетската транзиција, БИМ технологијата и 3Д дизајнот на високонапонските постројки, Идеалната платформа за управување со енергија и ресурси во зградите денес и утре, Влијанието на изборот на потконструкција врз издржливоста на системите FN и буџетирање на проекти преку Renusol PV конфигуратор, Дигитализација во дистрибуција на електрична енергија, Контрола и оптимизација на производството во реално време, Дизајнирање на јавното осветлување во согласност со новите закони и прописи, итн.
Во рамките на настанот на 6 октомври беше одржан состанок на Одборот за меѓународна соработка. За време на двочасовната дискусија беше разговарано на различни теми како што е акцискиот план за либерализација на пазарот на услуги, размената на искуства во однос на дејствувањето на државната администрација и локалните самоуправи, законодавната рамка и политиките за управување со просторот, размената на искуства во однос на подготовката на проектна документација и преглед на постапката за спроведување на стручен надзор на електротехничките инсталации. На крај учесниците се договорија да направат усогласување на календарот на своите активности со цел овозможување на присуство на сите земји од регионот на настани од овој вид.
Во продолжение фотогалерија од настанот: