На 18 Октомври 2023 (среда) во рамките на остварувањето на основните статутарни определби на Комората меѓу кои и воспоставувањето и развивањето на соработка со професионални здруженија и организации на барање на Здружението за еколошко одржлив развој ЗЕЛЕН ИНСТИТУТ се одржа заеднички состанок во просториите на Комората. Присутни претставници од Kомората беа претседателката М-р Кристинка Чулак и членовите на Управниот одбор Михаел Димитровски и Веселинка Герасимова Петровска, додека од Зелениот институт г-ѓа Лилјана Поповска заедно со деканот на Шумарски факултет Кирил Сотировски, архитектите Цветанка Маркушоска и Билјана Насковиќ, координаторката на зелената парламентарна група од граѓанскиот сектор Татјана Чакулев, правниот советник Соња Петрушева и Даниела Димитриевска од Македонското женско лоби. Пред Комората беа претставени барањата за измена на Законот за урбано зеленило, донесен 2018 и усогласување со Законот за урбанистичко планирање, со Законот за градење и со Законот за прекршоци. Се бара: усогласување на видовите урбанистички планови и планско-проектна документација според важечкиот Закон за урбанистичко планирање од 2020; усогласување на класите на намени на зеленило и зелена инфраструктура според важечкиот Правилник за урбанистичко планирање од 2020 и дефинирање на категориите на урбано зеленило според пешачкото растојание од домот и достапната површина; зголемување на нормативите за зеленило во м2/жител на ниво на град и минимален процент на градежна парцела, според новите европски трендови за зелена инфраструктура и одговор на климатските промени; утврдување на минимален процент на озеленетост на градежна парцела според класа на намени; допрецизирање на начинот на одржување на зеленилото; воспоставување обврска за ангажирање стручни лица (шумарски инженери, пејзажни архитекти) при планирање, проектирање, подигање, одржување и заштита на зеленилото; измени на казнените одредби заради усогласување со Законот за прекршоци од 2019 и зајакнато санкционирање на институциите кои не ги испочитувале законските одредби за минимум зеленило, не донеле стратешки документи за зеленило, не изработиле зелен катастар, издале градежни дозволи без минимален процент зеленило, уништиле зеленило и др.; допрецизирање на Правилникот за урбано зеленило според законските измени; дополнување на Законот за градење заради усогласување и обврска да не се издава градежна дозвола без исполнета норма за зеленило.
По екстензивната елаборација од страна на сите учесници, се искажа афирмативен став на Комората за вклучување на свои претставници во Работното тело за усогласување на измените на Законот за урбано зеленило со целокупната законска легислатива која што го регулира просторот и градбата, како и на предлогот за отворање ново професионално одделение со кое ќе се регулираат професиите шумарски инженер и пејзажен архитект.