На 24 октомври 2023 година, со почеток во 12 часот, во просториите на Комората се одржa промоција на новата книга на д-р Петар Николовски насловена „Современи системи за оптимална енергетска ефикасност на згради“. Ова ново дело на д-р Николовски е комплементарно надополнување на неговиот опус на стручна литература наменета за инженерите на кои предмет на интерес им е енергетската ефикасност. Д-р Петар Николовски теоретски и практично се занимава со енергетска ефикасност и градежна физика повеќе од 50 години. Автор е на 14 книги од оваа област, а докторската дисертација на тема „Линеарни топлински мостови во згради во сеизмички региони" ја има одбрането во Софија, пред Специјализиран научен совет на Вишата атестациска комисија при бугарската Академија на науки.
Авторот на предговорот на книгата Кристинка Чулак, претседателката на Комората, во своето претставување на авторот на делото нагласи дека со публикација на книгата „Современи системи за оптимална енергетска ефикасност на згради“ се заокружува трилогијата заедно со двете досегашни книги на колегата д-р Петар Николовски во издание на Комората на темата енергетска ефикасност, а тоа се: „Каталог на линеарни топлински мостови во згради во сеизмички региони“ издадена во 2017 година и книгата „Градежна физика – Основа за енергетска ефикасност на згради“ издадена во 2021 година.
Во истата прилика свој осврт на делото даде рецензентот д-р Александар Рајчиќ од Архитектонскиот факултет од Белград. Рецензентот д-р Лачезар Хрисчев од Универзитетот за архитектура градежништво и геодезија од Софија од оправдани причини не присуствуваше на настанот, па во негово и во свое лично име зеде збор г-дин Јордан Николов, претседател на БАИС – Бугарска асоцијација на изолации во градежништвото.
По обраќањето на рецензентите, д-р Николовски на почетокот на својата елаборација се осврна на законската регулатива, па потоа подетално ја образложи содржината на книгата, по одделните глави и тоа „Минимизирање на топлински мостови на балкони“, „Нанотехнологија и Climatecoating“, „Вакумирани изолациски панели“ и „Надворешна транспарентна топлинска изолација. Претседателката Чулак го заокружи настанот со ставање на нагласок на важноста на овој труд од аспект на понудените иновативни решенија за оптимизирање при проектирање не само на новите објекти туку и за санација на постоечките објектите во однос на термичката заштита, без притоа да се случува предимензионирање на термоизолационите слоеви.
Книгата на присутните беше поделена бесплатно, а редовните членови на Комората ќе можат електронски да ја превземат од сајтот на Комората.
Во продолжение фотогалерија од промоцијата: