77 Генерално собрание на Европскиот совет на градежни инженери се одржа од 5 до 7 октомври во Вилниус, Литванија. Нашата држава Република Северна Македонија во својство на делегат ја претставуваше проф.д-р Илиос Вилос дипломиран градежен инженер, кој е истовремено и заменик претседавач во Собранието на Комората. Во рамките на Собранието беше одржана и 14 интернационална конференција на тема: „Модерни материјали за градба структури и технологии”. За време на настанот Претседателот на ECCE г-дин Андреас Бранднер ја истакна важноста на доживотното учење за градежните инженери.
Во ера на брзи и драматични промени и случувања, тој нагласи дека е императив да се продолжи со учење и по добивањето на професионално овластување. Понатаму, Претседателот на Литванското здружение на градежни инженери (LSIS), проф. Зимантас Руџионис ја истакна важноста на еколошките инженерски методи и ги покани сите учесници активно да се вклучат на Форумот за одржливост во градежништвото. Делегатите на Собранието беа сведоци на значајното обраќање на г-дин Иван Назаренко, еден од основачите на украинскиот совет на градежни инженери, кој даде увид во моменталната состојба на Украина и ги сподели околностите со кои се соочува на нацијата поради големата руска агресија. Клучните моменти на 77-то Генерално собрание на ECCE вклучија презентација на Извештајот за активност на ECCE во изминатите четири месеци, вести од градежната индустрија и презентација и дискусија за финансискиот менаџмент на ECCE од страна на потпретседателката на ECCE Хелена Ендриксоне. Беше истакната важноста од усогласувањето на целите на индустријата со целите за одржлив развој (SDGs) и спроведувањето трансформативни пристапи кон одржливост. Беа дискутирани и ограничувањата на постоечките стандарди за одржливост, потребата од сеопфатни размислувања за одржливост и важноста на еластичноста во градежните конструкции. Учесниците ја истакнаа потребата за поширок пристап до дискусии за одржливост, системско размислување и образование за инженерско знаење. Имаше и значајни дискусии за концептите како што се расклопливи градежни структури за повеќекратна употреба, изводливост на изградбата во тешките зимски услови и неопходноста од одржливи решенија на макро ниво.
Во рамки на работниот дел на собранието, се дискутираше за лошата финансиска состојба на Европскиот совет на градежни инженери, поради што беше предложена финансиска конструкција за работа на советот во наредната година која предвидува драматично зголемување на годишните чланарини на земјите членки. И покрај тоа што нашиот претставник професор д-р Вилос се заложи за намалување на годишната котизација за Република Северна Македонија со елаборација дека тоа е неодржливо за мала земја како нашата, од претставниците на органите на ЕССЕ беше одговорено дека во време на неповолни економски состојби како на светско ниво така и во самата организација, тоа се најдобрите услови кои можат да бидат понудени и како таков беше усвоен финансискиот план за 2024 година.