Во организација на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на 27 и 28 Октомври 2023 година, во Скопје во просториите на Комората беше реализирана дводневна обука за практична примена на Ценовникот за висината на минималниот надоместок на услугите на овластените архитекти и овластените инженери во областa на високоградбата.
Првиот ден на 27 октомври 2023 година беше реализирана обука, презентација и дискусија за корисниците на инженерски услуги – колеги од јавниот и приватниот сектор, во улога на инвеститори и/или договорни органи, додека вториот ден, на 28 октомври 2023 година беше реализирана обука, презентација и дискусија за членовите на Комората – изработувачи/даватели на инженерските услуги. Во име на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на присутните им се обрати Претседателката г-ѓа Кристинка Чулак која им посака добредојде на присутните гости, истакнувајќи дека ова претставува почеток на планираните обуки за предметниот Ценовник, а сѐ со цел да се добијат повратни информации за неговата практична примена, надградба или корекција согледана во краткиот период од неговата примена.
Понатаму, ги претстави членовите на Одделението за архитектура, организатори на дводневната обука и го покани Раководителот на Одделението за архитектура, г-ѓа Веселинка Герасимова-Петровска, да започне со планираната обука. Во воведниот дел од Обуката хронолошки беа наведени информациите и предизвиците за изготвување и донесување на Ценовник/Тарифник за инженерски услуги, потребата од истиот, неговата примена и релациите со Законот за јавни набавки, којшто особено е релевантен за набавките од страна на Државните органи, Единиците на локалната самоуправа, Јавните претпријатија и останатите државни субјекти. Во своето обраќање потенцираше дека особено важно е почитувањето на Ценовникот како и негова задолжителна примена, што ќе допринесе за соодветно вреднување на архитектонската и инженерската професија, а со тоа и подигнување на квалитетот на архитектонските и инженерските услуги. Квалитетната проектна документација и квалитетниот надзор над изградбата отвораат поле за реализација на инвестицијата со минимални предизвици и технички недоречености.
По воведниот дел Благојче Цветковски, делегат во Собранието на Комората од Одделението за архитектура, го презентираше концептот на Ценовникот, давајќи осврт на текстуалните и табеларните одредби од истиот. Помеѓу останатите одредби беше презентирана одредбата со која на барање на ресорното Министерство за транспорт и врски, услугите утврдени во Ценовникот се пресметуваат и наплаќаат со процентуално намалување од 25%, сѐ до 01.01.2025, како период на прилагодување на пазарот.
Практична примена на Ценовникот преку конкретни примери, беше презентирана од страна на Александра Трајковска, делегат во Собранието на Комората од Одделението за архитектура. Презентирани беа повеќе студии на случај, со цел да се објаснат начините за пресметка на вредноста на инженерски услуги во слуачај кога има конкретни проектни барања од страна на Инвеститорите. Беа дадени детални објаснувања на кој начин се пресметува цената на инженерската услуга за изработка на Основен проект за изградба, како и за изработка на Основен проект за реконструкција / надградба / доградба / адаптација / пренамена, при што беа разработени повеќе различни сценарија со различни влезни параметри.
Понатаму, Марио Баткоски, делегат во Собранието на Комората од Одделението за архитектура, направи осврт за механизмите за контролата на примената на Ценовникот, детално објаснувајќи ги Упатството за контрола за примена на Ценовникот, Образецот и начинот на кој може да се пријави непочитување на истиот. Напомена дека посочените документи може да се најдат на веб страна на Комората. Арменд Шаќири, делегат во Собранието на Комората од Одделението за архитектура, ги презентираше каналите за комуникација преку кои може да се вршат пријавувањата за непочитување на Ценовникот, додека Никола Велковски, делегат во Собранието на Комората од Одделението за архитектура, укажа на значењето од соодветна Проекна задача со детални технички спецификации при распишувањето на јавната набавка, како би се достигнала стандардизирана минимална цена на архитектонските и инженерските услуги.
Во рамки на Обуката беше предвиден и дел за дискусија. По презентацијата, помеѓу присутните се споделија повеќе прашања, мислења, предлози, објаснувања и дилеми кои отворија интересни дискусии. Како најзначајни беа истакнати дискусиите за воведување критериуми за квалитет на архитектонските и инженерските услуги при јавните набавки, како и воспоставувањето ефикасни механизми за контрола на примената на Ценовникот што ќе ја гарантираат неговата доследна примена.
Интересот за обуката и дискусиите кои покрај Ценовникот, допреа и други области од градежништвото, уште еднаш ја потврдија потребата за организирање регионални средби и обуки, што како концепт Комората веќе го практикува. Тоа е најефикасниот начин за доближување кон членството и воспоставување дијалог по однос на различни теми и предизвици со кои се соочуваа архитектите и инженерите. Преку непосредната комуникација помеѓу раководството и членството, ќе се подобри работење на Комората и реализирањето на примарната дејност – да ги застапува, усогласува и заштитува интересите на овластените архитекти и овластените инженери.
Токму затоа за реализирање на своте цели Комората има јасно поставени приоритети:
• Афирмирање на архитектонската и инженерската професија
• Подигнување на квалитетот на архитектонските и инженерските услуги во државата
• Валоризирање на трудот на архитектите и инженерите
• Јакнење на капацитетите на членовите на Комората
Во насока на остварување на своите приоритети Комората ја реализираше дводневната Oбука за практична примена на Ценовникот за висината на минималниот надоместок на услугите на овластените архитекти и овластените инженери во област на високоградбата, за кој во изминаиот период од неполна година, очекувано беше да се појават прашања, дилеми и различни толкувања во начинот на кој треба да се пресметува архитектонската и инженерската услуга во областа виоскоградба. Поради тоа, во Годишната програма на Комората за 2023 година планирани се обуки за примена на Ценовникот, со цел да се излезе во пресрет на сите засегнати страни, Инвеститори (корисници на услуги) и членовите на Комората (даватели на услуги).
Превземи презентација на следниов линк