Комората на овластени архитекти и овластени инженери, традиционално, од 2013 година, доделува 4 годишни награди во знак на благодарност и почит за творештвото на своите членови. Наградите се именувани по проф. Борис Чипан, диплимиран инженер архитект; проф. д-р Александар - Цане Ангелов, дипломиран градежен инженер; проф. д-р Илија Черепналковски, дипломиран машински инженер и проф. д-р Станимир Јовановски, дипломиран електро инженер.
Наградите имаат за цел да бидат поттик на јавната афирмација на трајните вредности, втемелени во делата и мислите на архитектите и инженерите, заради промоција на општествената улога на професијата и вреднување на достигнувањата.
Номинираните лицa треба да се докажани архитекти и инженери, почитувани во стручната фела, да се активни членови на Комората во моментот на номинација, да се струково активни во својата дејност во годината во која се кандидирани за наградата и да достават три најзначајни инженерски достигнувања во изминатите пет години.
Конкурсот за номинација е проследен со електронска порака до активните членови на одделенијата на кои се однесуваат наградите.
Изборот ќе биде направен во рамките на телата на Комората и наградите ќе бидат доделени на годишната прослава која ќе се одржи во петок на 22 декември 2023 година.