Во рамките на свеченоста Ден на Комората која се одржа на 22 Декември 2023 година во салата на Комората по 10 јубиларен пат беа доделени 4 награди од струките Архитектура и Урбанизам, Градежништво, Електротехника и Машинство.
Комората во 2013 година востанови доделување на 4 годишни награди на архитекти и инженери за исклучителен придонес во развојот на инженерската струка во Република Северна Македонија.
Наградата од областа на архитектурата и урбанизмот го носи името на доајенот на македонската архитектура, почитуваниот професор Борис Чипан и претставува најголемо признание кое Комората го доделува на своите членови за значајни достигнувања и постигнати резултати остварени во сферата на архитектонското творештво, просторното и урбанистичко планирање, градителството, придонес во делувањето во организацијата, афирмирање на инженерската професија, научно – истражувачка и публицистичка дејност. Исто така, наградата се доделува за континуиран придонес во архитектурата, просторното планирање и урбанизмот, со забележителен авторски печат и негување на проектантските морални и етички вредности во професијата.
Годинешната номинација беше поднесена од активните членови на Комората, архитектите Д-р Анастасија Трајковска, Маријана Стефановски и Марија Зарова Силјановска. По извршената номинација предлогот се разгледуваше во Одделенијата за Архитектура и Урбанизам.
На свеченоста, во име на двете одделенија се обрати Раководителката на одделението за архитектура г-ѓа Веселинка Герасимова Петровска. Во своето обраќање таа подвлече една мисла од професорот Борис Чипан: „Станав архитект навидум случајно, но имаше во мене нешто што во тој момент се склопи во една идеја". Во продолжение таа кажа: „Едноставна мисла на проф. Борис Чипан со која ја опишува својата професионална животна патека, оставајќи препознатлив печат во културната историја на Македонија како архитект, професор, теоретичар, конзерватор и хроничар на архитектурата.
Планирањето е почетен и значаен сегмент во креирањето на градбите како во доменот на високоградбата така и во инфраструктурните градби. Тој претставува континуиран процес на изработување, донесување и спроведување на просторен план, урбанистички планови а, сѐ со цел да се обезбеди уредување, хуманизацијата на просторот како и заштита и унапредување на животната средина и природата.“
Потоа, Раководитеката на одделението за Архитектура Веселинка Герасимова Петровска заедно со Раководителот на одделението за Урбанизам Михаел Димитровски д.и.а, го претставија добитникот на наградата „Проф. Борис Чипан“ за 2023 година :
Планерскиот тим на АПП под раководство на м-р Андријана Андреева д.и.а.и свечено ја врачија наградата.
Наградениот планерски тим се состои од следните архитекти и инженери: М-р. Јулијана Ставревски, Иван Арсовски, Боро Петковсски, М-р. Маја Доновски Лукаревска, Билјана Темелковска, М-р. Ана Лукиќ Коробар, Ана Пижула Ефковски, Томе Стојанов, Александар Ивановски, Кристина Николовска, Д-р. Лидија Трпеновска Симоновиќ, Д-р. Душица Трпчевска Ангелковиќ, М-р Весна Мирчевска Димишковка, Срѓан Дурлевич, М-р Звонко Бошев, М-р Соња Депонова Георѓиева и Благој Јанков.
Наградата особено се доделува заради придонесот во континуираниот процес на изработување, донесување и спроведување на просторните и урбанистичките планови во РСМ, со цел да се обезбеди уредување и хуманизирање на просторот и заштита и унапредување на животната средина и природата. Забележителен е и современиот пристап кон изработка на значајни документи како Просторниот план на РСМ и Генералниот урбанистички план за град Скопје.
За досегашна работа наградениот тим добиено неколку меѓународни признанија како што се:
- Втора награда нa 31. Салон за урбанизам во организација на Здружението на урбанисти на Србија, во категоријата „Истражувања, студии и проекти од областа на просторно и урбанистичко планирање“, за трудот „Контактната зона на град Скопје“, работен како студиско истражување за изработка на Генералниот урбанистички план на град Скопје 2022-2032. (08.11.2022) ;
- Прва награда на 32. Меѓународен салон за урбанизам во Ниш одржан во ноември 2023 година во категоријата – Дигитални техники, дизајн и продукција во урбанизмот и архитектурата за трудот насловен „Креирање геодата база за изработка на ГУП Скопје 2022-2032“.
Комората на овластени архитекти и овластени инженери им честита на добитниците на наградата „проф. Борис Чипан“ за 2023 година и им посакува уште поголеми успеси и достигнувања во струката.
Информација за добитниците од воспоставувањето на наградите на следниот линк.
Во продолжение фотогалерија од свеченоста.