Денот на Комората се одржа на 22 Декември 2023 година каде што по десетти јубиларен пат беа доделени четири награди од струките Архитектура и Урбанизам, Градежништво, Електротехника и Машинство.
Доделувањето на годишните награди на архитекти и инженери е воспоставено во 2013 година за исклучителен придонес во развојот на инженерската струка во Република Северна Македонија. Тоа се најголемите признанија кои Комората ги доделува на своите членови за значајни достигнувања и постигнати резултати остварени во сферата на градежната индустрија, придонесот во органите на Комората, афирмирање на инженерската професија и за научно – истражувачка дејност.
Наградата од областа на градежништвото е насловена по еден од најистакнатите дејци во областа на проектирањето, изведбата и надзорот на конструкциите, а тоа е професорот д-р Александар - Цане Ангелов.
Годинава во Одделението градежништво беше разгледувана една номинација. На свеченоста во име на Одделението градежништво се обрати Раководителката Проф. д-р Мери Цветковска. Во своето обраќање таа меѓу другото потенцираше: „Наградата се доделува на градежен инженер кој во изминатите години оставил посебен белег и дал свој придонес за развој на струката. Да се заслужи оваа награда е посебен предизвик.“
Потоа Проф. д-р Мери Цветковска, го претстави добитникот на наградата „проф.д-р Александар – Цане Ангелов“ за 2023 година, нагласувајќи дека бројот на овластувањето и неговата богата професионална биографија се доказ за неговото големо искуство во областа на проектирањето на конструкциите и беа доволни аргументи одделението едногласно да донесе одлука за да му се додели именуваната награда.
Благоја Димитриески, дипломиран градежен инженер кој зад себе има 34 години професионално искуство, својата кариера ја започнува во Пелагонија проект Дооел Скопје, каде 16 години има можност да се надоградува од своите постари колеги и да прерасне во извонреден проектант кој може да одговори на решавањето на комплексни конструкции.
Во првите години од својот професионален ангажман учествува, а подоцна и раководи со изработка на проекти за изведба или реконструкција на станбени објекти, бизнис центри, трговски центри, хотели, индустриски објекти, катни гаражи, образовни институции, верски објекти, прочистителни станици, мостови, резервоари, силоси, аеродромски објекти и многу други објекти со над 1.5 милиони m2 изграден простор. Учествува во изработка на проектна документација за капитални објекти и надвор од државата односно Албанија, Чешка, Украина, Казахстан и Русија, кадешто може да се издвои реконструкцијата на Претседателската вила.
Од огромниот опус на објекти, се истакнуваат следните:
1. Контролната кула за аеродромот во Алма Ата, Казахстан,
2. Проект-фаза статика за Милениумскиот крст на Водно,
3. Проект-фаза статика за трговскиот центар City Mall,
4. Објектот на Вах хол и други објекти во ТИРЗ-Бунарџик 2.
Комората на овластени архитекти и овластени инженери му честита на добитникот на наградата „проф.д-р Александар – Цане Ангелов“ за 2023 година и му посакува уште поголеми успеси и достигнувања во струката.
Информација за добитниците од воспоставувањето на наградите на следниот линк.
Во продолжение фотогалерија од свеченоста.