Комората доделува 4 награди на архитекти и инженери за време на свеченоста „Ден на Комората“ на годишно ниво. Наградите се доделуваат за оддавање на благодарност и почит за творештвото на своите членови – архитекти и инженери. Директната цел со овој вид на признанија е поттикнување на јавната афирмација на трајните вредности, промоција на општествената улога на професијата и валоризирање на достигнувањата. Четирите годишни награди се доделуваат на членови на Комората од најбројните одделенија т.е архитектура и урбанизам, градежништво, електротехника и машинство. Наградата од областа на електротехника е насловена по еден од најистакнатите дејци во областа, а тоа е професорот Проф. д-р Станимир Јовановски, докторанд на Електротехничкиот факултет во Загреб и некогашниот шеф на катедрата за електромашини.
Условите кои треба да бидат исполнети, за да биде инженерот номиниран се: да е докажан и почитуван во стручната фела, да е активен член на Комората во моментот на номинација, да е струково активен во својата дејност во годината во која е кандидиран за наградата. Сите тие услови беа исполнети од единствената поднесена номинација за 2023 година. На Денот на Комората кој се одржа на 22 Декември 2023 година, на пригодната свеченост се обрати Раководителот на одделението за електротехника Владе Гроздановски кој го претстави годинешниот добитник на наградата „Проф. д-р Станимир Јовановски“:
Кирил Кујунџиев дипломиран електроинженер
Кирил Кујунџиев активно се занима во струката полни 22 години. Неговите клучни квалификации се: Контрола на квалитет на целокупниот процес на услуги т.е проектирање, имплементирање на трафостаници , електрични дистрибитивни мрежи, автоматика во процеси. Неговото портфолио вклучува огромен број на трафостаници со различен капацитет од проектен процес до изведба со контрола на квалитет. Различни системи на далечинско управување , реконструкција на мрежи и далноводи и проектирање и изведба на мали хидроцентрали. Во однос на законската регулатива опфатена со Законот на градење преку Комората поседува овласување од сите области и тоа: проектирање, надзор, ревизија и изведба.
Комората на овластени архитекти и овластени инженери му честита на добитникот на наградата „Проф. д-р Станимир Јовановски “ за 2023 година и му посакува уште поголеми успеси и достигнувања во струката.
Информација за добитниците од воспоставувањето на наградите на следниот линк.
Во продолжение фотогалерија од свеченоста.