На 2 март 2024 година во салата на Советот на Општина Гостивар се одржа Регионалната средба во Западниот регион на која беа поканети поканети сите активни членови, но најголемиот број од присутните беа од регионот кој гравитира околу Гостивар. Средбата беше дел од планираните активности на Комората со цел приближување до членството преку обука за Тарифникот за Урбанистичко планирање и Ценовникот за висината на минималиот надомест на инженерски услуги на овластените архитекти и овластените инженери од областа на високоградбата.
Средбата се одржа според планираната агенда. На отворањето, пред полната сала се обратија Неџат Бајрами, Претседавач на Собранието на Комората, Ваљбон Лимани, Претседавачот на Советот на Општина Гостивар и Кристинка Чулак, Претседателка на Комората. Тие во своите говори ги поздравија присутните и ја истакнаа важноста од доближувањето на Комората до членството преку вакви регионални средби. Обуката за примена на Тарифникот за вредноста на работите од урбанистичко планирање, составена од теоретски и практичен дел ја спроведоа Михаел Димитровски, Лиљана Најдовска и Благојче Цветковски. Генералните заклучоци од одржаната дискусија во врска со тарифникот беа :
- тарифникот се применува со полн износ од 1.1.2024.
- за изработка на урбанистички проекти, за опфат до 1ha, се усвојува површина на опфат од 1ha
- непридржување кон тарифник значи кршење на зонска регулатива
- вредностите наведени во тарифникот ќе се усогласуваат најмалку еднаш годишно согласно реалните трошоци за живот, а согласно со информации од ДЗС
- при јавна набавка, договорниот орган потребно е во расписот даде информација за тип на проектна/планска документација, намена, прелиминарен опфат, да дефинира коефициенти согласно тарифникот, како би можеле понудувачите да дадат соодветни компаративни понуди базирани на исти влезни параметри, а согласно со годишната програма за изработка на планска документација. Притоа, важно е договорниот орган да ангажира Планер уште при дефинирање на годишната програма, и во текот на целиот процес на јавна набавка
- доколку не се знае опфат/локација, би можело да се премине на ЈН без финансиска понуда, со критериум квалитет заради рангирање, и рок. Притоа: договорниот орган би требало да склучи рамковен договор со секој понудувач кој ги исполнува условите согласно ЗУП; при нарачка за секој опфат да се дефинира цената согласно тарифникот.
Обуката за примена на Ценовникот за висина на минималниот надоместок на инженерските услуги во областа високоградба ја спроведоа Веселинка Герасимова Петровска, Марио Батковски и Александра Трајковска. По воведниот збор од Раководителот на одделинието архитектура, делегатот Марио Батковски истакна дека задолжителната примена на ценовникот е потребна заради една единствената причина: "Соодветно вреднување на инженерската професија а со тоа и квалитетна високо професионална проектна документација која ни отвара поле за реализација на инвестицијата со минимални предизвици и технички недоречености." Понатаму, Александра Трајковска презентираше повеќе примери од различни класи на намени, со што на присутните, детално им беше објаснето на кој начин се пресметува цената на инженерската услуга за изработка на основен проект за нов објект како и за основен проект за реконструкција притоа разработувајќи повеќе различни ситуации поврзани со влезните параметри за предметниот објект/градба. Дебатата која се разви допре различни теми кои покрај ценовникот даде јасна слика за потребата од организација на регионални обуки и средби на кои би се дискутирало на различни теми, да се слушне мислење, одговараат прашања за секојдневните предизвици со кои се соочуваа архитектите и инженерите. Ваквите средби ќе дадат насока да се обидеме да најдеме решение на детектираните проблеми на колегите архитекти и планери и инженери од различни региони кои сигурно се идентични во целата земја. Третиот дел од Регионалната средба беше предвиден за Панел дискусија на тема „Предизвици и актуелни случувања во областа градежништво (изработка на урбанистичко планска документација, потребни чекори и постапки за нејзино одобрување, постапка за добивање на одобрение за градење и ставање на градбите во употреба со завршен извештај од надзор или технички преглед со комисија)“ која беше модерирана од Претседавачот на Собранието на Комората Неџат Бајрами, а активно учество со свои дискусии имаа Александра Трајковска, Скендер Палоши, Семир Зулбеари и Ибраим Ферати. Александра Трајковска даде детално објаснување во врска со текот на постапките за изработка и одобрување на урбанистичка планска и проектна документација. Скендер Палоши ја апострофираше темата за започнатите урбанистички планови по старото законско решение, а кои не се усвоени до 10.02.2024 година што претставуваат околу 1.000 на ниво на држава и доколку нема продолжување на рокот, практично значи дека за сите вакви урбанистички планови треба да се отвори нова постапка. Семир Зулбеари од општина Гостивар говореше меѓудругото за сите неправилности кои се јавуваат на терен при изградба на различни градби. Ибраим Ферати укажа на неколку проблеми со кои се соочува при изработка на Планска документација, како на пример контрадикторности и различни рокови при спроведување на процедури согласно различни закони.
Генералните заклучоци од панелот заедно со спроведената дискусија беа:
- Поедноставување на чекорите при изработка на планска документација,
- Изработка на Правилници за поблиску регулирање на материјата од одредена област,
- Законодавецот да ангажира поголем број на експерти од различни области при носење на нови законски Решенија, да организира поширока јавна дебата и стручни состаноци за стручна дискусија и ревизија на предлог законските решенија, а не за истото да ангажира само мала група на експерти,
- Да се спроведе поголема контрола на терен за Примена на Тарифникот за Урбанистичко Планирање, а посебно и на Ценовникот за инженерски услуги (Ценовник за висината на минималниот надоместок на услугите на овластени архитекти и овластени инженери во областа на Високоградба)
- Да се изнајде ефикасен механизам на санкционирање на членовите на Комората – носители на Овластувања, кои ја злоупотребуваат својата позиција, а со истото нанесуваат штета на целата фела,
- Комората да работи во правец на зголемување на своите законски овластувања, со цел да помогне на своите членови во правилна примена на постојните акти и изработка на нови потребни акти.
Во продолжение фотогалерија од средбата.