На 07.03.2024 година (четврток) со почеток во 11 часот, во просториите на Комората овластени архитекти и овластени инженери се одржа стручно предавање наменето за сите Геодетски инженери, Архитекти и Урбанисти.
На почетокот пред присутната публика се обрати Претседателката на Комората г-ѓа Кристинка Чулак која истакна дека предавањето е резултат на потпишаниот меморандум за соработка помеѓу помеѓу Комората ОАИ и Комората на трговски друштва за геодетски работи и во продолжение заедно со Претседателот на Комората на ТДГР г-дин Никола Рибаровски во нивните говори ја истакнаа важноста од организирањето на вакви настани со кои се овозможува континуираната едукација на архитектите и инженерите и истовремено се јакне меѓународната соработка.
По воведните обраќања, Д-р Младен Шошкиќ, вонреден професор на Градежниот факулет во Белград, одржа предавање на тема „Можна примена на урбаната комасација како инструмент за уредување на населбите во Југоисточна Европа“.
Тој во предавањето ги објасни механизмите за управување со земјиште како експропријација, национализација и го елаборираше детално терминот „урбана комасација“ преку дефиницијата дека тоа претставува сложен процес на уредување на градежното земјиште во кое се укинува постојната структура на парцелата и се создава нова, но со принцип на одржување на имотот и вредноста. По наведените реализирани примери во Република Србија, тој ги истакна бенефитите на урбаната комасација во однос на други постоечки методи, и бенефитите кои произлегуваат за сопствениците на парцелите и државата. Предавањето го заврши со предизвиците кои опонираат на спроведување на урбаната комасација. Стручната публика постави суштински прашања, и со дадените одговори се доби појасна слика за целата методологија на примена.
Во второто предавање началничката на урбанистичката инспекција од Министерството за Градежништво во Република Србија и поранешен главен градски архитект на градот Ниш, г-ѓа Тања Обрадовиќ, говореше на темата „Спроведување на урбанистичките планови и урбаната комасација“, со детална анализа на законската регулатива. На почетокот ги анализираше измените на „Законот за планирање и изградба“ и за сите проблеми кои се јавуваат при реализација на планските решенија од несинхонизирана изградба, како на пример неизградени училишта со изградени станбени згради, до соочување со реални имотно-правни проблеми. Направи анализа на тоа како општествениот систем влијае на сопственоста, и се задржа на сите последици од транзицискиот период на премин од државна во приватна сопственост. Се доби впечаток дека урбаните ткива растат слично како и во нашата држава. Покажа и пример на граѓанска иницијатива за спречување изградба на станбен објект планиран за изградба на само неколку метри пред постоечки реализиран станбен објект. Нагласи дека терминот урбана комасација е воведен во закон во 2011 година, и целосно се заложи за негова примена при создавање на секоја идна планска документација.
Во продолжение фотографии од настанот.