Во рамки на проектот „Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти“ (BMCPI) – Фаза 2, кој го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во партнерство со Министерството за локална самоуправа, Бирото за регионален развој (БРР), Заедницата на единици на локална самоуправа (ЗЕЛС), општините, како и Центрите за развој на планските региони, на 3 и 4 април 2024 година во Маврово, се одржа дводневна обука на тема „Антикорупција во урбанистичкото планирање и развој на инфраструктурата на локално ниво“.
Целта на оваа обука беше зголемување на капацитетите на граѓанските организации во примената на антикорупциските политики во сферата на урбанистичкото планирање и спроведувањето на инфраструктурните проекти, како и ефективното следење на соодветните процеси на локално ниво.
Настанот беше реализиран од страна на неколку експерти од Институтот за демократија “Сосиетас Цивилис”, а учество зедоа претставници од околу 20 претставници на граѓански организации активни на локално и национално ниво во полето на животна средина, демократско управување, транспарентност и отчетност, инфраструктура и граѓанско учество. Покрај претставниците на граѓанските организации на обуката присуствуваа претставници на Државниот завод за ревизија и Државната комисија за спречување на корупција.
Претставничката на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), го отвори настанот со воведно обраќање, по што му даде збор на првиот експерт на Институтот за демократија Д-р Борјан Ѓузелов кој ги одржа првите три сесии од обуката. Во првата сесија: Јавен интерес, добро управување и антикорупција, беа дадени дефинициите на самите поими, видовите и формите на на нивната манифестација во нашето општество, при што беше ставен акцент на разни појави на прелевање на јавниот интерес во приватен, како честа форма на корупција присутна кај нас. Анализата на коруптивните појави јасно ги отцрта последиците на широката корупција во неколку точки: Силни актери и слаби институции: пристрасност, политичка лојалност, неквалитетни јавни услуги, монополи и пајташки капитализам (crony capitalism), политичка нестабилност и поларизација, општествена, социјална и родова нееднаквост и на крај секако иселувањето, како еден од напоразителните резултати на состојбите.
Во продолжение на учесниците им беа образложени принципите на добро управување како и институционалната рамка за борба против корупцијата во Република Македонија, која се потпира на Национална стратегија за спречување на корупција и судир на
Интереси, како и на неколку закони од кои секако најважен Законот за спречување на корупција и судир на интереси. Како орган од особено значење за оваа проблематика беше посочена Државната комисија за спречување на корупцијата, при што беа објаснети нејзините надлежности, овластувања и обем на делување. Исто така беа посочени деловите од Кривичниот законик и Законот за заштита на укажувачите кои ја допираат оваа проблематика. Динамиката на оваа сесија во која имаше активно учество на сите посетители заврши со конкретни примери, сценарија на корупција од нашето секојдневие.
Втората сесија со наслов „Механизми на граѓанско учество и мониторинг“, ги даде основните алатки за следење на работата на институциите, од кои како најпрактична беше посочена постапката за остварување на правото за слободен пристап до информации, која овозможува секое правно или физичко лице да може да добие информација за која и да е состојба или процес во своето локално опкружување, но и пошироко на национално ниво. За следење на плаќањата и трансакциите на сите буџетски корисници и трансакциите на единиците на локална самоуправа наједноставна алатка е порталот отворени финансии, кој е лесно достапен за сите заинтересирани. Како корисни механизми за следење на трагот на парите наведени беа и Регистарот на имотна состојба и интереси на избраните и именувани функционери, како и Централниот регистар кој ги нотира промените на сопственоста на правните лица.
Третата сесија на обуката се однесуваше на јавните набавки, законската регулатива и принципи на добро однесување. Анализата на нивниот опфат пак резултира со податок според кој на злоупотребите во нив се губи една третина од средствата или конкретно 430 милиони евра, што секако е многу сериозна бројка. Предавачот понатаму ги лоцира точките на идентификување на корупцијата во јавните набавки како црвени знаменца на појави како објава на нерационални набавки, односно набавки кои не се од примарно значење во даден момент, потоа спецични описи во набавките кроени според конкретни добавувачи, специфични услови, фингирана конкуренција, несоодветно време на објавување на набавката (одмори, празници... ), повторување на едни те исти добавувачи, поништување на тендери и појавата на склучување на анекс договори. Како индикативни појави за коруптивни дејствија беа наведени и честите измени во плановите, големиот број на прашања, како и многуте измени и дополнувања на огласите. Исто така индикативна појава се и бројните тендери со еден понудувач или поточно појавата на само една прифатлива понуда, како и измените на проценетата вредност на набавките.
Како механизам за следење на случувањата беше посочен и објаснет порталот е-набавки, општинските web страници и можноста од доставување на барање за слободен пристап до информации.
Четвртата, петтата и шестата сесија од обуката беа одржани наредниот ден.
За фазата програмирање и проектирање на инфраструктурни објекти зборуваше г-ѓа Билјана Филиповска, дипломиран инженер архитект и планер.
Неправилностите во постапката на одлучување и изработка на проектите за инфраструктура беа лоцирани во неколку точки како: неусогласености на проектитe меѓу градско и општинско ниво, давање предност на проекти со поединечен интерес наспроти проекти од јавен интерес, понатаму планирање проекти кои не ги одразуваат реалните потреби на населението и на крај лошатадистрибуција на финансиските средства, која ја комплицира и отежнува реализацијата на секој проект.
Како најпроблематични точки при изработката на урбанистичките планови беа идентификувани изработката на програмските барања кои неретко ги отсликуваат бизнис интересите наместо јавниот интерес, неусогласеност на деталните планови со генералниот урбанистички план, особено непочитувањето на параметрите за густина на населеност во градските подрачја, непочитување на принципот за користење на државното земјиште за јавни функции - манипулирање со државно земјиште во рамките на парцели за бизнис интереси (дооформување на градежни парцели до 70%), користење на непрецизностите во законот за Урбанистичко планирање и придружните Правилници. Како особено проблематичен момент беше истакнато финансирањето на плановите од страна на физички и правни лица надвор од институциите кои понатаму доведуваат до изработка на планови по нарачка во корист на инвеститорот кој го плаќа планот.
Во истата сесија беше направен осврт и на постапките за избирање на правни лица проектанти за изработка на проектна документација за потребите на општините и другите институции, при што беше ставен акцент на проблематичноста на критериумот најниска цена, како и на притисоците кои ги трпи проектантската фирма од страна на бизнис секторот и други заинтересирани странки. По однос на постапките за издавање на одобренија за градба како недостатоци наведени беа предолгите процедури, како и разликите во толкувањата на Законот за урбанистичко планирање и Правилниците во различни општини.
Во насоките за детектирање на коруптивните појави на уцесниците им беа посочени непрецизноста во плановите, неускладеноста на плановите со развојната програма на централната власт, потоа непрецизните податоци за преземените дејствија, како и нејасниот финансиски отчет за реализираната програма. Сесијата заврши со констатација дека во фазата на планирање и подготовка на планската урбанистичка документација се кријат големи ризици за корупција, но исто така и во работата на општинската администрација, во фирмите кои ја изготвуваат документацијата и во Министерството за Транспорт и врски кои ја одобруваат документацијата. Следната сесија се однесуваше на фазата изведување и надзор на инфраструктурни објекти, во која како главна препорака на самиот почеток беше нагласен изборот на квалитетен и искусен изведувач и надзорен орган, како услов за квалитетна градба. Самиот процес на избирање на најдобар понудувач крие многу неправилности кои експертот ги сублимираше во следните точки:
Компании основани исклучиво за да се добие одреден тендер (без искуство или референци),
Кратки рокови за подготовка и достава на понудата,
Невалидни или неточни референци во однос на компанијата или нејзините вработени,
Официјален носител на услугата е една компанија (со добри референци) а работата ја
обавува сосема друга компанија без доволно искуство или стручност,
Договорниот орган „наложува“ изведувачот да ангажира одредени подизведувачи за
извршување на договорот или дел од него, (спротивно на член 5 од Законот за ј. н.),
Избегнување да се користи законската процедура за јавни набавки преку:
- директно преговарање
- снижување на цената под одреден (определен ) праг
- користење на процедури за итни случаи (краток рок за изведба, итност на изведбата)
Голема сличност на доставените понуди со минимална разлика (техника, предмер и сл.)
При тоа непомалку важни се недостатоците, случајни или намерни, во проектната документација, неточен предмер на работите, како и манипулациите со описите на клучните позиции во предмерот и роковите за изведба на работите. Стручниот надзор пак на работите неретко се бира со недоволно искуство и знаење во дадената област за да може правилно да го води проектот и да обезбеди квалитетна и економски оправдана градба.
Шестата сесија се однесуваше на начинот на поставување на проектната рамка и идентификување на проблемите во текот на нејзината реализација.
Обуката протече со активно учество и евидентен интерес на сите посетители.