На 18 и 19 април 2024 година во Брисел се одржа Годишното собрание на АСЕ Architects' Council of Europe, Европскиот Совет на Архитекти. Комората на овластени архитекти и овластени инженери е членка на оваа престижна европска организација од април 2023 година.
На првиот ден од настанот се одржа конференција насловена „Споделување заеднички вредности: Интернационализација на архитектонската професија и Новиот Европски Баухаус“. На собирот присуствуваа архитекти од сите континенти и имаа прилика да проговорат за состојбите во струката во своите земји, како и да ги споделат искуствата и предизвиците со кои се справуваат за подобрување на статусот на архитектот.
Во рамките на редовните активности на Годишното собрание на АСЕ, беше промовиран Time to Act – Manifesto for European Parlaimen elections, документ со кој АСЕ ги промовираше своите клучни барања за струката пред кандидатите кои влегуваат во трката за пратенички места во новиот состав на Европскиот парламент.
Нашата земја имаше прилика да придонесе во креирање на стратегијата за работа на АСЕ за периодот 2025 – 2028 година, преку презентирање на активностите кои се клучни во работењето на нашата Комора на локално ниво, издвојувајќи ги како најважни:
- Подобрување и усогласување на законската регулатива,
- Соодветна валоризација на архитектонските и инженерските услуги,
- Формирање на БИМ Секција во Комората и
- Формирање на Совет за Зелена Градба во Комората.
Во исто време, побаравме АСЕ својот фокус да го стави на неколку клучни теми, кои очекуваме дека ќе помогнат во понатамошна промоција на струката преку:
- Продолжување на иницијативата Нов Европски Баухаус,
- Овозможување на поголема прекугранична мобилност на архитектот и автоматско препознавање за овластените архитекти,
- Да се работи на опцијата „отворен БИМ“ како еден од најсуштинските услови за да се задржат на пазарот малите проектантски компании,
- Да се спротивстави на притисокот за либерализација на професијата архитект и на барањата за намалување на нивото на потребното образование за стекнување со овластување.
На ова Генерално собрание успеавме да обезбедиме можност за нашите архитекти и инженери да бидат вклучени во бесплатни обуки за БИМ и во многу скоро време ќе бидат споделени сите потребни детали за оваа активност.
Есенското Генерално Собрание на најголемата архитектонска организација АСЕ 'Architect’ Councill of Europe - Европскиот Совет на Архитекти, ќе се одржи во Краков на 28 и 29 ноември 2024 година.