Во рамките Регионалната средба на архитекти и инженери - Прилеп, организирана на 11 мaj (сабота) 2024 година, во просториите на општинската сала во Прилеп, беше презентиран Нацрт – Правилникот за мерките за заштита од пожар и експлозии (ЗПОМИЕ) како повторување на настанот од 12 април 2024 година, кој беше одржан во сала на Комората на овластени архитекти и овластени инженери (КОАИ) во Скопје. Како резултат на големиот интерес и големиот број на иницијативи кои стигнаа до Комората по настанот одржан на 12 април за негово повторување во останатите градови во државата, истиот се повтори на 11 мај во Прилеп пред 60 колеги кои активно работат во областа на пожарите.
Настанот го отвори Претседателката на Комората ОАИ, м-р Кристинка Чулак, дипл.инж.арх., која изрази големо задоволство што конечно може да го презентираме сработеното, односно она за кое беше вложено многу труд, енергија и време.
Презентацијата имаше за цел пред колегите од овој регион, да ги запознае со темите кои се опфатени со овој Нацрт -Правилник, како и начинот на кој се разработени, преку објаснувања, графички прикази, дефинирање на термини итн. Оваа средба беше наменета за инженерите – проектанти, надзори, изведувачи и ревиденти кои работат во областа на заштита од пожари.
Во редовите за презентирање на овој Нацрт-Правилник беа дел од колегите кои ја преставуваа работната група и тоа: м-р Татјана Васиљевиќ Владев, Михаел Димитровски, проф. д-р Мери Цветковска, Ратко Станојковски, Драгана Јовановска и Зоран Јурак.
Во вториот дел согласно агендата беа презентирани Упатството за пресметка на вредноста на работите од урбанистичкото планирање согласно со Тарифникот за вредност на работите од урбанистичкото планирање и инженерските услуги согласно Ценовникот за висината на минималиот надомест на инженерски услуги на овластените архитекти и овластените инженери од областа на високоградбата и реализација на истата учествуваа представници на одделение на архитекти и урбанисти планери.
Презентациите од овој дел ги спроведоа: Веселинка Герасимова Петровска, Михаел Димитровски, Благојче Цветковски и Марио Батковски.
Ваквиот начин на комуникација со членовите на Комората од поединечни региони на државата ќе продолжи во наредниот период, при што следно е планирано да се спроведат соодветни анкети, работилници и трибини за разработка на Нацрт-правилникот ЗПОМИЕ за негово доусовршување, како и промоција на веќе усвоените Тарифник за вредност на работите од урбанистичкото планирање и Ценовникот за висина на минималниот надомест на инженерски услуги, каде секако ќе бидат добредојдени коментари од стручната јавност.
Фотогалерија од настанот: