На 23 Мај 2024 година во просториите на Комората на овластени архитекти и овластени инженери се одржа првиот информативниот настан кој имаше цел да ги идентификува сите заинтересирани страни за основање на Совет за зелена градба на Република Северна Македонија, како дел од мрежата на национални Совети за зелена градба во регионот на Западен Балкан. На настанот има повеќе од 70 присутни од градежната индустрија, компании кои инвестираат во градежниот сектор, градежни компании, компании за градежни материјали и енергетско-ефикасна опрема за ладење и греење, проектни студија, агенции за недвижности, образовни институции, невладини организации и поединци подготвени да воведат промени на пазарот кон практиките за зелено градење.
Настанот го отвори претседателката на Комората, м-р Кристинка Чулак, а свои обраќања имаа регионалната менаџерка на HELVETAS г-ѓа Емилија Јованова, д-р Ристо Иванов како проектен менаџер и Игор Панчевски како координатор на иницијативата за Македонија.
Во рамките на своите обраќања сите потенцираа дека градежниот сектор е еден од главните сектори каде се трошат најмногу енергија и ресурси и затоа се важни воведувањето на промени во насока на негова дигитализација, нови практики кои ќе ги усвојат зелените прописи за градење, користењето на рециклабилни материјали и материјали кои ќе доведат до значително намалување на потрошувачката на енергија и ресурси.
Дополнително за време на конференцијата Блажен Зотовски диа, консултант за сува градба од КНАУФ Македонија , ја презентираше иницијативата за основање на Совет за зелена градба во Република Северна Македонија и зошто истата е повеќе од потребна на Македонија. Понатаму за важност на примената на концептот „Зелена градба" говореше Веселинка Герасимова Петровска диа, проектен менаџер на резиденцијалниот комлекс EAST GATE LIVING, а истовремено и дел од раководството на КОАИ. Иницијативата за формирање на Советот за зелена градба на Северна Македонија е поддржана од Комората на овластени архитекти и овлатени инженери како клучен сегмент од концептот на зелена градба. Оваа институција е професионална организација на архитекти и сите инженери кои со нивниот технички капацитет можат да го водат и промовираат концептот „зелена градба".
За начините на основање национален Совет за зелена градба, придобивките кој тој ги носи за општеството и самиот градежен сектор презентираше Деан Смолар, извршен директор на Совет за зелена градба Хрватска. Тој потенцираше дека ќе продолжи да ги поддржува сите Совети за зелена градба во регионот, вклучувајќи го и македонскиот, во рамките на времетраењето на проектот.
Уникатниот придонес на RECONOMY лежи во фокусирањето кон регионалноста. Со справување со заедничките проблеми, ангажирање заеднички чинители и разбирање на системите во земјите, RECONOMY поставува нов стандард во регионалната соработка. Преку оваа иницијатива, RECONOMY има за цел да ги зајакне ранливите групи преку зелени и дигитални трансформации, со фокус на поддршка на микро и мали претпријатија како и претпријатија управувани од жени.
Со оглед на географската положба на Западен Балкан, RECONOMY ги користи можностите за прекугранична соработка. Оваа иницијатива ќе ја поттикне соработката и синергијата меѓу земјите од Западен Балкан, охрабрувајќи дијалог помеѓу државите, споделување сознанија и усогласување на стратегиите кои го подигнуваат колективниот потенцијал на Западен Балкан и промовираат одржлив развој.
RECONOMY како програм е подготвен значително да влијае во регионот на Западен Балкан, промовирајќи одржливи практики и инклузивен економски раст. Овој регионален настан е само почеток на патувањето преку промени кон позелена и попросперитетна иднина. Конечно нашата планета е нашиот дом.
Да се обидеме да градиме на подобар начин за поубава, одржлива и инклузивна животна средина!