Оваа година, по 18-ти пат, под покровителство на Претседателот на Р. Хрватска, во Опатија се одржаа Деновите на градежни инженери на Хрватска комора. Настанот, кој се одржа од 13 до 15 јуни 2024 година, собра бројни инженери, експерти и претставници на водечки компании од Хрватска и странство и уште еднаш обезбеди одлична платформа за размена на знаења, искуства и иновации меѓу експерти од градежната индустрија. Деновите на градежните инженери одамна се препознаени како најважен годишен собир на експерти од различни профили од областа на градежништвото. Тие вклучуваат семинари и тркалезни маси за речиси сите специјализирани гранки на градежништвото, регулативата и управувањето со проекти. На покана на Хрватската комора на градежни инженери, како претставник на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на овој настан учествуваше Неџат Бајрами, м-р од областа на градежништвото – во својство на Претседавач на Собрание на КОАИ.
Хрватската комора на градежни инженери е автономна и независна професионална организација на овластени градежни инженери, инженери на градилиште и управители на работите од градежната струка која ги поддржува инженерите и техничарите во текот на нивната кариера. Во своето обраќање на отворање на конференцијата, претседателката на Хрватската комора на градежни инженери (ХКИГ), г-ѓа Нина Дражин Ловрец го истакна следново:
„На патот кон закрепнување и економски раст, една од клучните улоги и припаѓа на градежната струка. Градежништвото се смета за еден од традиционалните столбови на хрватската економија, а за тоа сведочат и следните статистички показатели: придонесот на градежништвото во економијата е исклучителен - во 2023 година од вкупниот број вработени во Република Хрватска, 8% се вработени во нашата дејност, и генерираме приближно 5% од хрватскиот БДП. Едно новоотворено работно место во градежништвото генерира дополнителни две работни места во другите стопански гранки”.
На самото отворање, поздравен говор “online” имаа и претставници на Коморите и Асоцијациите на инженери и архитекти од соседните држави. Потпретседателот на Владата на Република Хрватска и Министер за просторно планирање, градежништво и државен имот Бранко Бачиќ ги отвори 18. Денови на градежни инженер на Хрватска комора (ХКИГ), на кој учестуваа повеќе од 1.700 учесници, и воедно е и најголемиот собир на градежната струка во Хрватска. Потпретседателот на Владата на Република Хрватска го изјави следново: „Градежната индустрија не само што е важен економски сектор, туку е и клучен носител на економскиот, инфраструктурниот и социјалниот развој. Програмата на Владата на Р. Хрватска за овој мандат идентификува четири главни развојни насоки во оваа деценија и тоа: демографска ревитализација, дигитална трансформација, декарбонизација и образование”.
Првиот ден од конференцијата беше одбележан со тркалезната маса „Патна инфраструктура 2024 - 2030“ посветена на главните инвестициски проекти во изградбата на патишта во Хрватска и нивното влијание врз развојот и растот на економијата. Како вовед во тркалезната маса, Јосип Шкориќ, претседател на Управниот одбор на Хрватски патишта, ги претстави главните инвестициски проекти во изградбата на патиштата до 2030 година, меѓу кои се проширување на автопатот А1 до Босиљево, автопатот до Дубровник, втората цевка на тунелот Учка. Шкориќ истакна дека во последните три години се изградени повеќе од 80 километри нови патишта, а во тој период инвестицискиот циклус изнесувал 1,1 милијарда евра, од кои 717 милиони евра биле наменети за нови инвестиции, односно за изградба на нови патишта.
„Се надеваме дека во иднина ќе градиме 25 до 30 километри нови патишта годишно” – изјави Шкориќ.
Како дел од овој најзначаен и најголем годишен собир во градежништвото, организиран од страна на Хрватската комора на градежни инженери (ХКИГ), по 13-ти пат се доделија и годишните награди за извонредност во градежништвото - Колос 2024 година. Во продолжение се претставија и предлог измените и дополните на Законот за градење, во делот Планови од новата генерација: ePlanovi – уредување и ePlanovi – Правилник за просторни планови.
Трудовите кои беа претставени на оваа конференција беа организирани во следните поглавја:
- Користење на подземни простори;
- Одржување на градбите;
- Сигурност во случај на пожар;
- Геотехнички конструкции;
- Енергетска обнова на згради – сеопфатна обнова на згради;
- Реконструкција на објекти;
- Дрвени конструкции;
- Ѕидани конструкции;
- Мостови;
- Климатски промени и природни катастрофи;
- Железничка инфраструктура;
- БИМ пристап во инфраструктурни проекти;
- Градежно-техничка регулатива;
- Земјотресно инженерство;
- Патишта;
- Договори за градење;
- Бетонски конструкции;
- Управување со води и хидротехника;
- Управување со проекти;
- Метални и спрегнати конструкции; и
- Вештачење во градежништво.
Се одржаа и тркалезни маси на тема: „Влијание на регулаторната рамка на квалитетот на проекти” и „Одредување на вредноста на инженерските услуги во постапките за јавни набавки – предизвици, можности и законски ограничувања”, како и Работилници за Е-Одобрение и Е-Градежен Дневник. На оваа конференција беа опфатени скоро сите посебни области од градежништвото, но посебен интерес помеѓу учесниците на конференцијата привлекоа темите од областа на користење на БИМ при проектирање и реализација на градби, Договори за градење – пристап и решавање на спорови, Изнаоѓање на соодветен модел и правилно законско решение за одредување на вредноста на инженерските услуги, Воведување на Е-градежен дневник и Е-Одобрение.
Во продолжение фотогалерија од настанот: