Друштвото за геотехника на Македонија (ДГМ) во периодот 25-29.6.2024 ја организираше 28-та Европска конференција за млади геотехнички инженери (EYGEC 2024). Настанот се одржа во пријатниот амбиент на винаријата Попова Кула во Демир Капија. На истиот земаа учество 47 млади геотехнички инженери од 24 земји од Европа и пошироко.
Беа одржани 3 повикани предавања од реномирани професори од областа на геотехничкото инженерство, проф. Лиес Лалоуи од Швајцарскиот Федерален Институт за Технологија – EPFL во Лозана (воедно и Подпретседател на Меѓународното Друштво за Механика на Почви и Геотехничко Инеженрество), Дитмар Адам – Технички Универзитет во Виена, Лорета Батали – Технички Универзитет во Букурешт. Конференцијата беше финансиски поддржана од страна на поголем број реномирани домашни и странски компании и институции од областа на геотехниката, од кои еден дел одржаа научни и технички презентации. При стручната екскурзија беа посетени неколку геотехнички конструкции на автопатот Демир Капија – Смоквица, и ветерен парк во изградба кај село Стојаково. Во неформалниот дел беше одржана т.н. винска олимпијада, спортски игри и посета на природните атракции во околината на Демир Капија.
Овој значаен настан беше поддржан од Комората на овластени архитекти и инженери (КОИА) за што во воведниот дел сопствено обраќање имаше и претседателката м-р Кристинка Чулак. Во својот говор таа говореше за значењето на младите како движечка сила во нашата инженерска комора, а ја нагласи и посветеноста и ангажираноста на одделението за геотехника и неговите членови во рамки на КОИА.