На 10 јули 2024 година со почеток во 10:00 часот, во амфитеатарот на Градежениот факултет во Скопје се одржa трибина под наслов „Развој како услов за опстанок на македонското градежништво“.
Целта на трибината истовремено беше да се разговара за состојбите, проблемите и предизвиците со кои се соочува градежништвото кај нас.
Пред присутните претставници на градежната индустрија, професори и овластени инженери, се обратија Деканот на Градежениот факултет Скопје проф. д-р Горан Марковски, Претседателот на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанска комора г. Андреа Серафимовски, Претседателката на Комората на овластени архитекти и овластени инженери М-р Кристинка Чулак, Министерот за транспорт и врски г. Александар Николоски како и директорот на ЈПДП г. Коце Трајановски.
Во своето обраќање г-ѓа Кристинка Чулак се задржа на предизвиците за остварување на главната дејност на Комората
т.е. заштитата на јавниот интерес преку унапредување на архитектонската и инженерската професија, преку штитење на интересите на сите инженерски професии вклучени во градежништвото. Предизвиците кои таа ги истакна:
• подигнување на дигнитетот на архитектите и инженерите преку
• подобрување на условите за работа во струката во државата и
• подобрување на квалитетот на инженерските услуги,
со тоа
• подигнување на бројот на активни членови и враќање на довербата на нашите членови во институционалната рамка на дејствување
сѐ со цел
• спречување на исселувањето на нашиот инженерски кадар особено на младите, но и прелевање на нашиот кадар од доменот на градежното инженерството кон други попрофитабилни професии со егзотични имиња.
посочи дека ги детерминираат клучните активности на Комората. Во продолжение таа потенцираше дека за справување со овие предизвици, главните заложби се насочени кон целосно почитување на Ценовникот за инженерски услуги во високоградбата и Тарифникот за урбанистичко планирање, односно ценовниците за инженерски услуги, како највисок приоритет и прогресирање на активностите за нивно конечно комплетирање и обезбедување на системски механизми за нивна контрола и доследна примена.
Понатаму, таа ја нагласи нужноста од воведување на БИМ мандат, имајќи ги во предвид тековните активности на тема дигиталните трансформации со сите придобивки од информациското моделирање на градбите, како единствен начин за добивање на квалитетни, прецизни и проекти со реални рокови за изведба.
На темата легислативата која го регулира градежништвото, таа истакна дека е клучно Комората како центар на инженерскиот потенцијал, да биде биде активно вклучена во тек на целиот процес за подобрување и усогласување на истата, затоа што таа е клучниот партнер на законодавецот.
Континуиранот професионален развој, особено најактуелниот во периодот од 2 години на наназад на тема Еврокодови, таа образложи дека е процес од кој се очекува со сигурност да ги зајакне домашните капацитети, но и да отклучи поголеми можности за раст на градежната индустрија во државата, преку отворање кон европските и меѓународните пазари за инженерските дејности како за инженерите, така и за работењето на нашите градежни компании. Таа ги повика градежните компании да го интензивираат процесот на обучување на своите кадри затоа што веќе од 1 септември стапуваат на снага европските прописи за проектирање на градежни конструкции.
Децентрализација и рамномерниот локален развој таа истакна дека се клучот за прогрес и надминување на состојбите не само во градежништвото, туку и економијата на државата во целост, и најави поголема активност на Комората особено околу состојбите со просторното и урбанистичкото планирање.
Во обраќањето професорот Марковски направи хронолошка ретроспектива од почетокот на постоењето на градежниот факултет до денес, преку заклучокот дека општествените услови го диктираат развојот. Потоа се задржа на предлогот мерки за зголемување на интересот за студирање на градежниот факултет. На крај фокусот го стави на анализата на причинско-последичните врски во стопанството и на индивидуалната одговорност на секој за тоа „дали ќе се претвориме во инженерска колонија и дали инфрастуктурата ќе ја градиме или ќе ја купуваме!“.
Андреа Серафимоски ги образложи предизвиците со кои се соочуват градежните компании. Тој низ бројки ги изложи загрижувачките состојби во градежната оператива кај нас, повикувајќи на заеднички пристап од страна на сите релевантни чинители и институции за надминување на проблемите, со особен акцент на проблемот со лошата регулатива што го отежнува работењето. Тој истакна дека само со системски решение може да се сопре и корегира надолниот тренд во градежништвото.
Министерот Николоски по поздравниот збор кон присутните, заблагодарувајќи се за можноста за присуство на оваа трибина, кажа дека неговиот главен фокус е надминување на проблемите и состојбите во градежништвото особено во делот на капиталните инвестиции. Истовремено даде јасна и отворена подршка на Градежниот факултет во насока на подобрување на состојбата со сѐ помал број на запишани студенти, која е особено акутна во периодот од неколку години наназад. Тој изрази спремност наскоро, на почеток на есента да се вклучи во уште потемелна расправа со инженерите, со цел воспоставување на заеднички смерници за делување.
На крај, во дискусијата се вклучија голем дел од присутните со свои прашања, констатиции и предлози.