На покана на Хрватската Комора на инженери по електротехника, на 16-ти Денови на електроинженери кои се одржуваат од 3 до 5 октомври 2024 година во Бол на островот Брач во Хрватска, присуствуваат Претседателката на Комората М-р Кристинка Чулак, раководителот на одделението за електроинженери Владе Гроздановски и заменик Претседавачот на Собранието на Комората Мицко Чадиноски.
Во своето обраќање на свеченото отварање Претседателката Чулак ги поздрави присутните во име на сите членови на Комората, со желби за уште долги години успешна работа и продлабочување на меѓусебната соработка меѓу двете комори. Таа истакна дека во време на глобалната енергетска транзиција клучната улога ја имаат токму електроинженерите. Подобрувањето на енергетската ефикасност на зградите и користењето обновливи извори на енергија се главните предизвици со кои се соочува целата инженерска индустрија, а особено електротехничката професија.
Стабилноста на системот на енергетската мрежа е уште еден предизвик во услови кога се зголемува бројот на производители на електрична енергија. „Ние инженерите сме одговорни за создавање на основните предуслови за здрава животна средина, одржлив развој, кружна економија и подобар живот за нашите идни генерации.“