По покана од Инженерската комора на Косово, претседавачот на Собранието на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Северна Македонија, Арменд Шаќири и Висар Палоши делегат од одделението за градежништво присуствуваа на настанот по повод одбележувањето на Светскиот ден на инженерството, кој се одржа на 4 март 2026 година во хотел „Емералд“ во Приштина.
Настанот се одржа под мотото „Инженерството како јавна одговорност – градење, стандарди и доверба“, а во негови рамки на истиот беше организирано и панел дискусија на тема: „Предизвици за основање и развој на инженерски и архитектонски комори – регионални искуства, правни рамки и можности за правно прилагодување кон меѓусебно признавање на лиценците: лекции за Косово“.
Како претставник на КОАИ, Арменд Шаќири учествуваше како панелист, заедно со претставници од регионот, меѓу кои и Висар Палоши. Во рамки на панелот беа разгледани предизвиците со кои се соочуваат професионалните комори при нивното основање, развој и институционално зајакнување.
Од перспектива на КОАИ, беше истакнато дека еден од клучните предизвици е воспоставување рамнотежа помеѓу регулаторната улога на комората и нејзината професионална и јавна функција како застапник на интересите на инженерите и архитектите.
Во дискусијата беше нагласено дека силата на професионалните комори се определува не само преку законската рамка, туку и преку нивната практична способност да ги спроведуваат надлежностите и да градат доверба во јавноста. Посебно беше потенцирано дека мобилноста на инженерите не се однесува само на признавање на дипломи, туку и на усогласување на професионалните стандарди и градење меѓусебна институционална доверба.
Како можни насоки за унапредување на регионалната соработка беа посочени изработка на заедничка минимална рамка за лиценцирање, воспоставување регионален електронски регистар на лиценцирани инженери, како и стандардизација на системите за континуирана професионална едукација.







