Претседателот на Комората на овластени архитекти и овластени инженери м-р Дејан Метикош и Раководителот на одделението за градежништво проф. д-р Маријана Лазаревска учествувуваа на состанокот на „Инженерската иницијатива за регионална соработка“ (IIRS), кој се одржа во организација на Инженерската комора на Србија. Главниот фокус на овој значаен регионален собир беше ставен врз дигитализацијата во областа на просторното и урбанистичкото планирање, проектирањето и изградбата.
Клучни моменти од настанот - дигитална трансформација и примена на современи алатки
Работната програма на состанокот, што се одржа во галеријата на „Геозавод“ во Белград, опфати клучни теми поврзани со унапредувањето на регулаторната рамка и размената на добри практики во регионот. Посебен осврт беше ставен на:
· Дигитална трансформација преку размена на искуства за примена на современи алатки како BIM моделирање и системи за електронско планирање (e-prostor, e-plan).
· Регионални искуства - презентација на напредокот на нашата Комора и земјите од регионот во делот на дигитализацијата на инженерските процеси.
· Капитални проекти - запознавање со развојот на големи регионални инфраструктурни проекти како EXPO, Белград на вода и Белградското метро.
Заклучоци и заеднички цели
Собирот резултираше со усвојување на заеднички заклучоци насочени кон зајакнување на регионалната соработка, понатамошна дигитална трансформација на инженерските процеси, како и усогласување на законските прописи кои го регулираат градежниот сектор со европската регулатива. Овие активности се надоврзуваат на стратешката заложба на Комората за следење на современите технолошки трендови, подобрување на регионалната соработка и обезбедување подобри услови за работа на своите членови.







