„ВЕРОЈАТНОСТ - РИЗИК - СИГУРНОСТ“
Отсекогаш човекот се стремел да ги разбере промените во природата и општеството, особено оние кои претставуваат одредена закана трудејќи се преку
детерминистички пристап да воспостави причинско-последича врска помеѓу нив. За жал, науката секогаш не е во можност прецизно да одговори на сите прашања, па во такви случаи се користи еден поинаков, стохастички пристап во кој решението е условено со соодветна веројатност на појава.
Често се вели дека „за да успееш потребно е да ризикуваш“, на што јас би додал дека за успех потребно е да се преземе пресметан ризик, односно претходно да се одреди изложеноста на загуба. Како во животот, така и во инженерството невозможно е сè прецизно да се предвиди, секоја закана или појава, но возможно е да се утврди ризикот. Тоа ќе овозможи адекватно управување со него во смисла на превенирање, организирање и информирање со цел да се минимизираат загубите. Кога се во прашање природните хазарди во светот доста се вложува во системите за рано известување, кои како спој на современа техничка опрема за следење и напредни комуникациски системи во реално време (моментално) ги анализираат сите влијателни
фактори и преку соодветен пресметковен алгоритам го дефинираат степенот на ризикот за што предвремено известуваат.
Земјотреси, поплави, свлекувања на земјштето и други помали или поголеми, природни и антропогени закани се секојдневна појава. Затоа секоја земја потребно е континуирано да води грижа за безбедноста на своето население и сиг урноста на нивните имоти и средства. Тука мора да се забележи дека ништо не е апсолутно сигурно, што значи дека секогаш ќе постои одредена веројатност за појава на закана. Техничките стандарди го налагаат и дефинираат степенот на сигурност кој зависи од категоријата на објектот. Вообичаено тие вредности се повисоки за објектите од јавен и стратешки карактер, а пониски за индивидуалните. Конкретно, објектите во Македонија се пресметуваат на земјотреси со повратен период од 500 до 750 години,
а одводните системи – канали се димензионираат на врнежи кои се јавуваат еднаш во 10 до 50 години. Колку овој услов-критериум е повисок толку објектот е поскап, што значи дека најголемата безбедност и заштита условува и највисоко чинење.
Веројатноста, ризикот и сигурноста се трите клучни параметри кои треба да бидат соодветно избалансирани за да се добие максимална безбедност за секое инженерско решение. Нешто на кое ќе треба забрзано да работиме се картите за ризик од појава на земјотрес, поплави, свлечишта и други хазарди кои се предуслов за сите понатамошни акции во смисла на превенирање и обезбедување. Но, исто така мора да се забележи дека безбедноста зависи и од подготвеноста на надлежните институции да одговорат на предизвиците, судејќи по неодамнешните случувања ќе треба многу да се направи
за никогаш да не ни се повторат овие загуби.