×

Порака

Заштита на лични податоци и користење колачиња

Оваа веб страница користи колачиња. Со користење на нашата веб страница, вие се согласувате дека можеме да ги поставиме овие типови колачиња на вашиот уред.

Погледни детали

Не се согласивте колачиња да бидат запишани на вашиот уред. Оваа одлука може да се смени.

Pin It

pdf iconПРЕСИНГ БР.40 и ПОРТА 3 БР.272

ГРАДОВИ ЗА ЛУЃЕ

Фактот што денеска луѓето сѐ повеќе се идентификуваат преку градовите наместо преку нациите е доволен показател за нивното значење. Припадноста кон градовите е социолошки феномен кој е резултат на модерните општествени процеси како што се глобализацијата и мултикултурноста. Урбанизмот кој ги обликува градовите е врзивно ткиво за луѓето кои воедно ги дефинира како општествени, културолошки и социјални битија. Оваа симбиотска поврзаност меѓу луѓето и градот поттикна нова парадигма во урбанизмот која луѓето ги става на централно место во процесот на планирање.

Брзиот општествен и економски развој значеше и брза урбана и градежна експанзија која не секогаш ги следеше основните урбанистички принципи, а уште помалку потребите на граѓаните. Урбанистите водени од ефикасноста и профитот заборавија на хуманистичите аспекти на урбанизмот. Како имунолошка реакција се роди идејата „градови за луѓе“, според која градот примарно треба да обезбеди квалитетен и здрав живот на своите граѓани и да ги задоволи нивните животни навики и потреби. Според неа луѓето се во прв план, а просторот и објектите се секогаш во нивна функција. Овој концепт беше применет во многу светски метрополи, хуманизирајќи ги ги направи подостапни за луѓето. Денеска оваа филозофија има статус на глобален тренд кој го следат сѐ повеќе градови во целиот свет.

Кај нас, честите промени на плановите и нивното непочитување доведе до урбанистички хаос од широки размери. Оваа слика од речиси сите поголеми македонски градови може да се промени доколку локалните власти извршат ревизија на урбанистичките планови низ светлото на актуелните трендови. Со тоа градовите ќе добијат повеќе зелени површини, проширување на пешачките зони, изградба на велосипедски патеки, еколошки и ефикасен јавен превоз. Би сакал да верувам дека оваа слика за европско Скопје е реална и остварлива.

Сакајќи да ја приближиме идејата „градови за луѓе“, но и да информираме за други теми од областа на архитектурата и инженерството, за прв пат „Пресинг“ и „Порта 3“ излегуваат заедно во еден број. Овој уникатен концепт нуди тематска и содржинска разновидност на своите читатели што оставаме самите да го оцените.

Проф. д-р Јосиф Јосифовски
Главен и одговорен уредник на „Пресинг“