(НЕ)ЗДРАВА ЖИВОТНА СРЕДИНА
Забрзаниот индустриски развој, ниската еколошка свест и негрижата за животната средина придонесоа да се зголеми загадувањето и да се покачи температурата што предизвика глобални климатски и еколошки промени. Сите ја делиме оваа планета. Затоа, загадувањето и климатските промени претставуваат заеднички проблем.
Разбирајќи го значењето на животната средина голем број на индустриски развиени земји се приклучија кон меѓународната иницијатива „Париз 2020“ (Договорот од Париз за спречување на климатските промени). Со неа овие држави се обврзаа да ја намалат употребата на фосилните енергенси и заменат со алтернативни, обновливи и еколошки извори на енергија.
Во време кога остатокот од светот ја зголемува примената на обновливите и еколошки извори на енергија, во нашата земја сѐ уште доминираат фосилните горива кои ослободуваат големи количини на јаглеродни гасови во атмосферата. Во Македонија најголемиот дел од производството на електрична енергија потекнува од термоцентралите, што не е во согласност со европските препораки кои налагаат до 2020 година, 20% од вкупната енергија која се користи да потекнува од алтернативни и обновливи извори. Единствен светол пример е Паркот на ветерници во Богданици, а преку понатамошна поддршка и инвестиции во мали хидроцентрали, фотоволтаици, геотермални пумпи и сончеви колектори може да се намали загадувањето и да се заштити животната средина. Сепак, нивната помасовна примена зависи од законската регулатива која час поскоро треба да се измени за да дозволи слободна трговија на пазарот со енергија. Паралелно, следејќи ги позитивните искуства од европските земји за идивидуалните корисници државата треба да ја субвенционира набавката и инсталацијата на обновливите и еколошки извори на енергија кои ќе придонесат за почиста иднина.
Покрај јавниот интерес еден од предизвиците на инженерството е да дејствува на начин кој ќе обезбеди почиста и поздрава средина за сите. Денеска ширум светот, конструкциите покрај тоа што се проектираат да бидат сигурни и безбедни, сѐ повеќе внимание се посветува на нивната одржливост и енергетска ефикасност. Науката веќе подолг период работи на концептот „Nearly zero-energy buildings“, енергетски ефикасни и самоодржливи објекти, кои користат ниски количини на енергија што се обезбедува самостојно од обновливи извори, што практично значи дека приближно нула е енергетската потреба на објектите од надворешните извори. Во објектите се вградуваат современи изолациони системи и материјали, преку инсталација на соларни панели и фотоволтаици до системи за греење и ладење кои ја користат геотермалната енергија.
Екосистемот кој нѐ опкружува влијае врз квалитетот на животот, а неговото загадување може да доведе до нарушување на здравјето и да предизвика сериозни здравствени последици. Уште позначајно е ако се знае дека правото на здрава животна средина е фундаментално човеково право загарантирано со Уставот за секој граѓанин, кој истовремено се обврзува за нејзино унапредување и заштита. Заштитата на животната средина треба да биде наш врвен приоритет, а државните органи се надлежни да обезбедат услови за остварување на ова право. За жал реалноста е многу поинаква, институционалната нефункционалност направи загадувањето да биде наше секојдневие веќе подолг период. Општ е впечатокот дека недостасува политичка волја и стратегија, но пред сè посветеност и доследност во спроведувањето на мерките кои се долгорочни.
Наспроти институционалната анемичност, граѓанскиот сектор е мобилизиран во борбата за остварување на своите права. Тие влијаеја многу во подигнувањето на еколошката свест меѓу населението, но преостанува уште да се направи во поглед на едукација особено на најмладите граѓани кои треба да ја развијат еколошката свест и култура. Едукацијата за заштита на околината треба да започне од предучилишната возраст, па сѐ до средните училишта како школски предмет и училиштен активизам за здрава и чиста средина. Уште повеќе треба да се засилат активностите и медиумскиот притисок во подигнувањето на свеста како кај граѓаните така и во индустијата. Можеби треба да се применат поинакви и неконвенцијални форми како герила акции, улична уметност, графити и друг вид на урбан активизам.
Животната средина е нашиот одраз, понекогаш грд и наобразен длабоко згрижува. Владата на Република Северна Македонија и Министерството за животна средина треба под итно да преземат порадикални мерки и бараат доследно спроведување на еколошките стандарди. За околината треба да се грижиме како за нашето семејство, затоа што здравата средина значи здраво семејство, среќен дом и просперитетно општество.