×

Порака

Заштита на лични податоци и користење колачиња

Оваа веб страница користи колачиња. Со користење на нашата веб страница, вие се согласувате дека можеме да ги поставиме овие типови колачиња на вашиот уред.

Погледни детали

Не се согласивте колачиња да бидат запишани на вашиот уред. Оваа одлука може да се смени.

ПРЕСИНГ БР. 45
Pin It

pdf iconПРЕСИНГ БР.45

70 ГОДИНИ ТРАДИЦИЈА ЗА РЕСПЕКТ

Како основоположник на прогресивната македонска мисла и темел на државноста Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ го прославува 70-иот јубилеј. Овој јубилеј е вреден да се спомене не само поради традицијата и успешната образовна и научна дејност, туку уште повеќе поради нејзиното значење за стопанството и особено за инженерската струка.
Меѓу основачките единици на Универзитетот во 1949 година бил и Техничкиот факултет со оддел за градежништво и архитектура на кој десет години подоцна се формира и машинскиот, електротехничкиот и технолошкиот оддел.
И тогаш како и денеска висококвалификуваниот кадар е императив за напредокот и економскиот развој. Создавањето на таков кадаре основна мисија токму на Универзитетот, затоа што само со силно интелектуално јадро на млади и образовани луѓе може да обезбедиме афирмација на нашата држава во светот.
Овој голем јубилеј поттикнува да се запрашаме: Каде е денеска местото на нашиот најстар Универзитет во општеството?
Со „замрзнатата“ финансиска поддршка во процес на евалуација на резултатите од Болоњскиот принцип на студирање, надополнето со недостатокот на финансиските средства за научно-истражувачката дејност, проблемите со неадекватното кадровско обновување и сл., се одразуваат крајно неповолно, а одржувањето на научно-образовниот процес претставува Сизифова задача.
Веќе подолг период недостига јасна државна стратегија за развој на високото образование и науката во која меѓу клучните заложби би требало да биде воведувањето на прецизни мерки и критериуми за финансирање на дејноста.
Инвестициите во науката веќе подолг период се движат околу 0,2% од БДП што компаративно гледано со други земји од регионот е за 10 пати помало. Генерално, ниту бројките за образованието не се многу подобри со 3.5% од БДП од кои само 0.8% се однесуваат на високото образование. Финансиската автономија на Универзитетот е основен предуслов за напредок, а само со задоволни професори може да имаме задоволни студенти. Од друга страна пак, во високото образование потребно е да се одвојат и средства за научно-истражувачката работа и набавка на лабораториска опрема како и да се обезбеди пристапност до светските бази на научни трудови ако сакаме да го одржиме чекорот со европските и светските трендови.
За да се направи позначаен исчекор покрај финансиите, потребно е постојано иновирање на студиските програми со професорски кадар кој работи или ги следи најмодерните достигнувања во научните области. Еден од најголемите проблеми е и недостигот на наставно-научен и административен кадар.
Универзитетот се соочува со забрзано стареење.
Младите колеги кои својата академска кариера ја започнуваат како помлади асистенти сè потешко се мотивираат и остануваат да работат на факултетите.
Состојбата е сложена, но не треба да обесхрабрува, напротив, треба да алармира и апелира до академската и политичката елита, час поскоро, да предложат конкретни мерки за подобрување.
И покрај сè, влогот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во изминатите седум децении не може да се оспори. Тој бил и ќе остане предводник на современата мисла и двигател на процесите во државата. Со надеж дека и во иднина ќе игра видна улога во општествените и меѓународните процеси, треба да му се оддаде заслуженото признание и респект.

За многу години „Gaudeamus Igitur”.

Проф. д-р Јосиф Јосифовски
Главен и одговорен уредник на „Пресинг“