КОН ЕРАТА НА ЕВРОКОДОВИТЕ
СМЕТАЈЌИ ДЕКА ЕВРОКОДОВИТЕ СЕ ВАЖНА ТЕМА ЗА КОЈА МОРАМЕ СÈ ПОГЛАСНО ДА ГОВОРИМЕ, ОВОЈ ВОВЕДНИК ГО ПОСВЕТУВАМ ТОКМУ НА НИВ.
Последните случувања во Република Турција и Република Грција, кога беа погодени од земјотреси со висок интензитет, ги врати темите за кои говориме само кога ќе се случи нешто толку страшно или кога ќе се изгубат човечки животи и повторно ги криеме во некоја фиока.
Сакаме да признаеме или не, објектите во нашата земја се проектираат и изведуваат согласно техничка регулатива која е постара од 50 години, за жал, без никакви или со минимални промени.
Оттука, нивното иновирање претставува највисок приоритет за струката. Промоцијата на еврокодовите во 2008 година како единствена техничка регулатива за проектирање на конструкциите во земјите членки на ЕУ, за нас дојде како можност да се надомести пропуштеното со повеќедецениската стагнација на полето на стандардизацијата. Охрабрени од овој расплет, процесот на хармонизација со eврокодовите во рамките на Институтот за стандардизација, кај нас започна во 2010 година. До крајот на 2012 година, сите 10 дела од еврокодовите беа преведени и усвоени, но останаа неофицијализирани, односно вон употреба. Конечно, по 8 години, со објавата на владината одлука, на 2 септември 2020 година, се одобри нивната примена во проектирањето на градежните конструкции.
Со примената на еврокодовите започна новата ера во проектирањето на градежните конструкции, која гарантира највисок степен на технички квалитет и сигурност на градбите.
Имено, со нивното воведување значајно ќе се унапреди техничката регулатива согласно искуствата, практиките, научните и истражувачките достигнувања на Европа од изминатите 50 години, но, исто така, со нив сеелиминираат разликите преку воведувањето на единствен степен на сигурност за конструкциите.
Еврокодовите се стандарди на новата генерација кои овозможуваат еднакви услови за инженерите, изведувачите, проектантите и производителите, кои ќе ги нудат своите услуги и производи на еден поголем пазар.
Ако ги споредиме со досегашната регулатива и правилници, ќе забележиме дека еврокодовите нудат еден поинаков и поширок концепт, дефинирајќи ги основните принципи и правила за проектирање, но истовремено оставајќи голема слобода на проектантите.
Во основа, еврокодовите претставуваат техничка рамка која ги дефинира минималните критериуми и сигурност, но истовремено остава можност за нивно приспособување согласно националните практики преку избор на национално определените параметри. На ваков начин, преку националните анекси на секоја земја, засебно им се остава можноста самостојно да го дефинираат степенот на сигурност на своите градби.
За целосна имплементација на еврокодовите, како единствена техничка регулатива, предвиден е тригодишен период, во кој е дозволена паралелна примена и на досегашните стандарди.
Затоа, во следниот период ќе претстојат голем број активности за едукација и запознавање на инженерскиот кадар со проектните процедури од еврокодовите. Kако и во минатото, Комората ќе земе активно учество во дисеминацијата преку организирање на обуки и семинари со кои ќе се едуцираат овластените проектанти и ревиденти со принципите и правилата за проектирање согласно еврокодовите.
Со усвојувањето на еврокодовите ја започнавме новата ера во проектирањето на конструкциите – ера која носи унификација на стандардите, квалитетот и безбедноста на градбите. Нека ни се со среќа!