×

Порака

Заштита на лични податоци и користење колачиња

Оваа веб страница користи колачиња. Со користење на нашата веб страница, вие се согласувате дека можеме да ги поставиме овие типови колачиња на вашиот уред.

Погледни детали

Не се согласивте колачиња да бидат запишани на вашиот уред. Оваа одлука може да се смени.

ПРЕСИНГ БР. 55
Pin It

pdf iconПРЕСИНГ БР.55

ДА ЗАПОЧНЕМЕ ДА ЖИВЕЕМЕ, ГРАД Е СО „ГРАДСКИ“ – ТЕТОВО САКА ПАРК

Вака започнува приказната на група активисти – тетовци, кои со сета своја сила, знаење и професионално искуство неколку месеци се обидуваат да укажат дека Тетово заслужува подобро! Се борат да ги подобрат условите за живот на своите сограѓани. Барем малку.
Бидејќи на Тетово не му треба само парк. На Тетово му требаат и безбедни улици и пешачки премини, отворени површини, празни тротоари ослободени од паркираните автомобили, вода за пиење, чист воздух, нови училишта и градинки, објекти изградени плански и по проект...
Се сеќавам на едно поинакво Тетово. Чисто, спокојно, безбедно, зелено, убаво, градско!
Живеев и растев во град со сосема поинаков лик од она што го гледам денес. Спомените од моето детство, од сите безгрижни игри на улица, од сите убави прошетки од калдрмата до чаршијата, од сите дружби на Спортски, исчезнуваат секојпат кога ќе стигнам на Монопол и ќе го видам она што е останато од некогашното Тетово. Град без душа, изграден, дограден и надграден без план и без проект. Не можам да најдам оправдување за сите дивоградби кои го нагрдуваат лицето на градот, за стопати прекопаните улици, за немањето вода запиење. Од кружен тек преку кружен тек, со згради во недоглед, не ни забележувам каде е крајот на градот, а каде почнуваат околните населби. Сè е споено во еден урбанистички хаос.
Ретко одам во Тетово. Одвреме-навреме, да ги посетам моите. Уште се таму, во стариот дел од градот. Без надеж за подобар живот, со љубов кон нивниот дом. Минатата година не ни можев да стигнам до нашата куќа.
Требаше да се реконструира улицата. Се отвори градилиштето, се постави информативната табла, се раскопа улицата и толку. Со месеци не продолжуваа започнатите градежни работи. Ни трага ни глас од изведувачот, а голема градежна компанија. Ни трага ни глас од надзорот. Ниту од проектната единица задолжена да го води овој проект. Изведувачот ангажирал подизведувач, подизведувачот подподизведувач, а овој еден работник со лопата. Колку да се рече дека има некој на терен. Надзорот ангажирал некој локалец, колку да се рече. А, улицата раскопана по цела ширина и по цела должина. Отворени и неосигурани ископи, пукнати цевки, растечени фекалии, пресечени кабли, кал на сите страни.
Нема како и од каде да се помине за да се стигне дома. Цела есен, цела зима. Доаѓаат локални телевизиски екипи, снимаат, документираат, алармираат, ама без ефект. Граѓаните лути и навредени. Никој не помислува како е да се живее таму. На никој од надлежните не му е важно дали и кога ќе се заврши улицата бидејќи е обична градска улица. Не е автопат, па да се сечат ленти и да се игра чочек. Еден ден граѓаните решаваат да пратат дописи, до сите што ги знаат, ама и до оние што не ги знаат, оние далечните – од преку океанот бидејќи од нашите аир не видоа. Ама, оние другите, тие имаат експерти за сè, па и за социјалните аспекти на проектите. Ете, баш тие направија пресврт. За една недела пристигна во Тетово цела делегација, од директори, до раководители, координатори, менаџери, инженери. Дојдоа сите на увид. И, вака-така се заврши улицата.
Не знам. Можеби се навикнавме дека за сè треба да ги викаме странските експерти. Како сами да не знаеме и не умееме подобро. Или, не сакаме подобро. Можеби забораваме дека заслужуваме подобро. Пред нашите како да немаме ни морална, ни етичка, а најмалку професионална одговорност. Ама, за пред туѓите пееме друга песна. Логично. Од нив зависиме, финансиски. Сè додека и тие не кренат раце од нас. И така едвај се разбираат со локалната, добро разработена, мрежа од неработници.
Затоа, во целост ја поддржувам иницијативата „Тетово сака парк”. И од срце им посакувам да успеат да се изборат со системот и да останат доследни во борбата за подобро Тетово.

Проф. д-р Маријана Лазаревска
Главен и одговорен уредник на „Пресинг“