×

Порака

Заштита на лични податоци и користење колачиња

Оваа веб страница користи колачиња. Со користење на нашата веб страница, вие се согласувате дека можеме да ги поставиме овие типови колачиња на вашиот уред.

Погледни детали

Не се согласивте колачиња да бидат запишани на вашиот уред. Оваа одлука може да се смени.

ПРЕСИНГ БР. 56
Pin It

pdf iconПРЕСИНГ БР.56

ТЕШКА ЗИМА...

Светот се соочува со првата глобална енергетска криза. „Најтешкото допрва доаѓа“, предупредуваат светските експерти за енергетика. Од одржаните енергетски самити стигаат пораките дека светот никогаш не бил сведок на толку голема и сложена енергетска криза, дека човештвото сѐ уште го нема почувствувано најлошото.
Постковид закрепнувањето и укинувањето на голем број ограничувања предизвикаа зголемување на побарувачката на енергија, којашто не може да се задоволи од обновливите извори на енергија, кои се недоволно развиени или се во развој, ниту, пак, може да се задоволи со исцрпените традиционални извори на енергија поради тоа што беа игнорирани на патот кон енергетската транзиција. Почнувајќи од излезот од пандемијата, преку борбата против климатските промени која е услов за идниот развој на планетата, намалените резерви на фосилни грива, од почетокот на инвазијата на Русија кон Украина, во светот се создаде нова геополитичка, а со неа и нова енергетска реалност. Отпочна глобалната енергетска криза.
Новото „нормално“.

Расте цената на фосилните горива (нафтата, јагленот и природниот гас), а со тоа расте и цената на електричната енергија. Она што се случува на енергетскиот пазар во последните 1–2 години само уште повеќе ја актуализира познатата максима на енергетичарите: „Енергијата е најскапа кога ја нема.“ 

Нѐ очекува тешка, многу тешка и неизвесна зима.

Како во светот, така и кај нас, преовладува страв дека ќе се соочиме со недостаток на електрична енергија. Дури и високоразвиените држави грчевито се трудат да ја зголемат енергетската независност и сигурност. Секако, без оглед на сите мерки кои се преземаат за да се обезбеди доволно енергија и енергенси, никој не заборава на важноста на Зелената агенда која останува клучен инструмент за воспоставување на долгорочна енергетска безбедност. Климатските промени и потребата за декарбонизација на енергетскиот сектор ја наметнуваат потребата од постигнување на нула емисии на јаглероден диоксид. Како резултат на тоа, голем број земји преземаат различни чекори за справување со последиците предизвикани од климатските промени, преку намалување на потрошувачката на фосилни горива и зголемување на резервите на обновливи извори на енергија. Од друга страна, енергетската криза покажа дека енергијата добиена од обновливи извори на енергија сѐ уште не е целосно развиена и не е подготвена да ja задоволи постојано растечката глобална побарувачка на енергија. Транзицијата кон обновливи извори на енергија останува да биде предмет на голема дебата меѓу креаторите на политики во енергетскиот сектор.

Во нашата земја производството на електрична енергија во најголема мера се потпира на работата на термоцентралите, во помал обем се користи енергијата на водотеците преку хидроцентралите и во многу мал дел се користат соларни, ветерни и биогасни централи. Меѓутоа, согласно донесената стратегија за развој на енергетиката до 2040 година, пред нашата држава поставена е амбициозна цел: енергетска транзиција на земјата кон обезбедување на соодветен процент напроизводство на електрична енергија од ОИЕ и целосно затворање на електраните на јаглен!

Но, тековната енергетска криза само нѐ потсети дека не сме направиле многу (или скоро ништо) за реален развој на енергетскиот сектор во изминатите 30 години. Исто така, нѐ потсети и дека сме комплетно зависни од фосилни горива. А ваквата комбинација не нè води кон надминување на енергетската криза. Актуелните случувања на енергетски план уште еднаш ги исфрлија на површина проблемите во овој стратешки сектор на државата кој со години повеќе се запоставува отколку што се развива. Плановите за големи инвестиции завршуваат главно на најави и проекти. Реалноста е дека државата се потпира главно на дотраени и полураспаднати капацитети за производство на електрична енергија.

Потребно е паметно и издржано вложување во нови производни капацитети за постигнување на поголем степен на енергетска независност и сигурност. Но, носителите на одлуки мора да сфатат дека процесот на планирање во енергетскиот сектор е долгорочен и дека резултатите не доаѓаат ниту преку ноќ, а ниту во периодот кој опфаќа еден изборен циклус. Вниманието мора да биде насочено кон правилно планирање и квалитетно спроведување на структурни реформи бидејќи на долг рок само тие можат да придонесат за зголемување на енергетската независност и сигурност. Во спротивно, ќе се соочиме со скапи, неизвесни и тешки зими...

Проф. д-р Маријана Лазаревска
Главен и одговорен уредник на „Пресинг“